Правната битка од 73 милиони евра на Фелипе Маса започна околу наводниот „заговор“ што го чинеше светска титула во Формула 1 во 2008 година. Титулата ја освои Луис Хамилтон со само еден бод предност пред Маса. Поранешниот возач на Ферари е убеден дека бил вистински шампион таа сезона, а сето тоа поради контроверзната несреќа на Нелсон Пике јуниор на трката за Големата награда на Сингапур, објавува „Дејли мејл“.

Скандалот познат како „Крешгејт“ е еден од најпознатите во историјата на Формула 1. Бразилецот Маса водеше на Гран Прито на Сингапур кога возачот на Рено, Нелсон Пике јуниор, намерно се удри во ѕидот во 14-тиот круг, што придонесе излегување на безбедносното возило на патеката. Во хаосот што следуваше, тимот на Ферари затаи во моментотот кога Маса беше во боксот, што не го чинеше бодови.

Пике во тоа време тврдеше дека станува збор за „едноставна грешка“, но подоцна призна дека бил наговорен од тимот на Рено намерно да се судри. Шефот на тимот, Флавио Бријаторе, и главниот технички директор Пет Симондс, последователно беа суспендирани неколку години, додека победникот Фернандо Алонсо беше ослободен од какво било кривично дело.

Маса, кој се појави пред Високиот суд во Лондон, бара 64 милиони фунти (околу 73 милиони евра) отштета плус камата. Неговиот случај се базира на наводна изјава дадена од поранешниот шеф на Ф1, Берни Еклстон, во 2023 година.

Се вели дека Еклстон, кој сега има 95 години, му признал на човек од Ф1 дека тој и тогашниот претседател на ФИА, Макс Мозли, знаеле дека Пике Јуниор намерно се судрил, но не направиле ништо за да „го заштитат спортот и да го спасат од голем скандал“. Маса верува дека резултатот од трката требало да биде поништен, со што Хамилтон ќе добие шест бода помалку, а титулата ќе му биде доделена нему.

 

ИЗДВОЕНИ