Во Делчево започна реализацијата на капитален проект за регулирање на речниот тек на Брегалница. Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, изјави дека проектот има повеќекратни придобивки за градот и за жителите.
– Со овој проект, Делчево ќе добие современо и уредено централно подрачје, кое ќе биде украс на градот, но уште поважно, со регулирањето на коритото, трајно ќе се намали опасноста од поплави и ќе се заштитат домовите, стопанските објекти и институциите покрај реката. Ова е дел од нашата стратегија за безбедна и модерна инфраструктура, која создава подобри услови за живот, развој и за бизнис во градот – истакна Трајковски.
Тој додаде дека во рамките на тој проект се гради и скејт парк, кој е во напредна фаза и кој ќе биде ново катче за младите, место за спорт, дружење и за рекреација.
– Нашата цел е да се развива Делчево во модерен, безбеден и уреден град, кој ќе ги задржува младите и ќе отвора нови можности за сите генерации. Овој проект е доказ дека кога работиме посветено и одговорно, резултатите се видливи и трајни – рече Трајковски.
Градежните работи ќе се изведуваат во должина од 620 метри, на потегот од црквата во центарот до градскиот базен.