Инспекциските служби на Општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ брoj 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“, брoj 7, во близина на ТЦ „Буњаковец“.
– На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во куќата и околу неа. Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и
здравјето – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека на втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата била вклучена и социјалната служба, а по завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.
– Ова не е првпат инспекциските служби на Општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно-правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, општината е принудена постојано да интервенира, со цел заштита на јавната безбедност – нагласуваат од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објекти во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје туку се и реална опасност за околината.
Тој ги повика сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да може навреме и ефикасно да се реагира.












