Започна сериозен институционален процес за заштита на македонскиот рубин – геолошки уникат што се наоѓа единствено во Прилеп и во Мариово и е единствениот рубин во Европа што природно се вади и обработува. Заштитата на рубинот е на иницијатива од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Заедно со Геолошкиот завод и со Заводот за индустриска сопственост, се дефинирани конкретни чекори за да се обезбеди официјален статус на македонскиот рубин, како заштитено национално минерално наследство.
Од страна на Геолошкиот завод е изработена анализа за правна заштита, која ќе биде надополнета согласно со новите податоци, а дополнително беше истакната и потребата од поширока институционална координација.
– Македонскиот рубин, единствен по своето потекло и по своите својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство. Ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и на меѓународна промоција на македонското минерално богатство, како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост – истакна Божиновска.
Рубинот што се вади во Македонија е геолошки и естетски уникат: познат е како корунд со карактеристична малинесторозова боја, која се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура. Се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и во планините во Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално. Покрај својата естетска и колекционерска вредност, тој претставува и дел од културното и од историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и национална гордост.