Започна манифестацијата „Денови на културата“ во општина Илинден

10

Со отворање на ликовната изложба на тема „Пролетно уживање“ на младата Марта Патлиџанкова, официјално започна 26-та манифестација „Денови на култура во општина Илинден“.

Делата на оваа млада уметница се изложени во Домот на култура „Илинден“, каде присутните можат да уживаат во разноликоста и убавината на нејзините дела. Делата кои го красат просторот се изработени со комбинирани техники, во кои доминира експресијата на бојата.

Како што може да се види авторката не се плаши целото платно да го обои со силна колористичка палета, поставена во контрасни соодноси и да покаже жестокот и импулсивност во изразот.

Изложбата ја отвори покровителот на манифестацијата, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, а за авторката и нејзиното творештво говореше академскиот сликар Новица Трајковски. Градоначалникот пред присутните истакна дека како локална самоуправа и понатаму ќе остане посветена во организација на културните настани.

-Нашата определба е да дадеме целосна поддршка на развојот на културата во сите нејзини области, и токму затоа овие „Денови на културата“ ги организираме да им овозможиме на граѓаните повеќе видови програмски културни настани со коишто ќе ја одбележиме оваа манифестација, а секако една од најспецифичните настани е токму оваа изложба на млада Марта – изјави Георгиевски.

Манифестацијата продолжи со настап на културно уметнички и танцови групи од општина Илинден. Настапија: Ансамблот за народни песни и игри ,,Илинден”, КУД „Гоце Марковски“, балетското студио „Марбал“ како и млади музичари од општина Илинден.

Централната манифестација ќе се одржи денеска, во 19:00 часот во кино салата во Домот на култура „Илинден“, а ќе ја отвори Георгиевски. Манифестацијата ќе содржи поетско читање посветено на македонската поезија и музички настап на солисти од Националната опера и балет.

ИЗДВОЕНИ