Започна лидерската средба ЕУ – Западен Балкан во Скопје, фокус на Планот за раст

112
Фото: П. Стојановски

Во Скопје утрово започна лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст кој ќе биде можност за евалуација на постигнатиот напредок и дефинирање на следните чекори за зајакнување на европската интеграција на регионот.

На самитот чиј домаќин е премиерот Христијан Мицкоски, учествуваат  еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос и лидерите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции.

Во рамки на лидерската средба ќе се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан и на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција.

Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст.

Премиерот Мицкоски вчера во Владата одржа средба со еврокомесарката за проширување Кос, на која ја истакнал определбата на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во клучните области.

-На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции. Ја истакнав цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација, напиша Мицкоски на неговиот официјален фејсбук профил.

ИЗДВОЕНИ