Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ по 23. пат беше отворен синоќа пред „Сарајот“ во Ресен со ретроспектива на досегашни добитници на истоимената награда за животно дело – „Актер на Европа“. Годинава ова признание „Актер на Европа 2025“ го доби познатиот актер и режисер Брајан Мајклс од Германија, за кого беше прикажан уметнички портрет на сите негови театарски и сценски креации.
На свеченото отворање на фестивалот се обрати градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, а беседа за лауреатот Брајан Мајклс одржа претседателот на фестивалот, Јордан Плевнеш.
Во официјалната конкуренција на фестивалот оваа година се претставите: „Lebensraum, експеримент во добрина“ на „Театро Парамитиас Теспротиас“ од Грција, „Артист на таванот“ од Косово, авторски проект на Агрон Гергури, „Нушиќ лично“ по текст и во режија на Миодраг Илиќ, во изведба на Народен театар на Тимочка Краина од Србија, и претставата „Јелена Савојска“ од Црна Гора во изведба на Јелена Ѓукиќ, која ќе биде изведена на завршната вечер на 11 јули кога ќе бидат доделени и наградите.
Македонски претставници на годинашното издание на фестивалот, пак, се претставите „Фетишист“ – авторски проект на Здравко Стојмиров, по текст на францускиот писател Мишел Турние, во продукција на Народен театар Битола, и „Сега му е мајката“ по текст на Горан Стефановски, во изведба на Алтернативен театар Пробатон.
Признанието „Клучевите на Преспа“ го добија – Џемс Петифер од Велика Британија, почесен професор на Универзитетот Оксфорд, автор на светскиот историски бестселер „Езерата и империите во македонската историја“, и професорот од Медицинскиот факултет и поранешен ректор на Скопскиот универзитет, Никола Јанкуловски.
Традиционалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“ оваа година постхумно му е доделена на албанскиот писател со светско реноме, Исмаил Кадаре, кој го поддржувал овој фестивал од неговиот почеток во 2003 година. Ова признание ќе го понесат и грчкиот писател и театарски режисер, Танасис Триаридис, композиторот од Србија Саша Драгиќ, и проф. Љубомир Кекеновски од Македонија, претседател на Научниот совет на Академија „Балканика Еуропеана“.
Инаку, Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ е основан во 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското Езеро за Меѓуграничен европски парк – меѓу Македонија, Грција и Албанија. Прв добитник на наградата за животно дело „Актер на Европа“ беше Љуба Тадиќ од Белград, а меѓу лауреатите во изминатите над две децении беа и Јон Карамитру од Романија, Милена Зупанчич од Словенија, Ана Патресон од Шведска, Марсел Бозоне од Франција, Раде Шербеџија од Хрватска, Брус Мејерс од Велика Британија, Милан Кнашко од Словачка, Енико Есењи од Унгарија, Ива Јанжурова од Чешка…