Со германско-авганистанската драма „Нема добри луѓе“ (No Good Men) на авганистанската режисерка Шарбану Садат, вчеравечер се отвори годинашниот 76. Берлински филмски фестивал, кој ќе се одржува до 22 февруари. Годинава, во главната конкуренција за наградата „Златна мечка“ ќе се натпреваруваат 22 филма, за кои ќе решава меѓународно жири, чиј претседател е германскиот режисер Вим Вендерс.

Легендарниот режисер, познат по антологискиот „Небото над Берлин“, на прес-конференција пред почетокот на Берлиналето изјави дека „филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин“.

– Ниеден филм навистина не ја променил идејата на ниту еден политичар, но можете да ја промените идејата на луѓето за тоа како треба да живеат. Киното има неверојатна моќ да биде сочувствително и емпатично. Ние сме противтежа на политиката, спротивност на политиката, мора да ја работиме работата на луѓето – а не на политичарите“, изјави Вендерс.

На церемонијата на свеченото отворање на 76. издание на Берлинскиот филмски фестивал на холивудската актерка и оскаровка, малезиската актерка Мишел Јео ѝ беше доделена почесната „Златна мечка“. Меѓу другите, позната на нашата публика и по филмот на Анг Ли „Клекнат тигар, скриен змеј“ (Crouching Tiger, Hidden Dragon).

Инаку, македонската Агенција за филм и оваа година е присутна со свој промотивен штанд на Европскиот филмски маркет (European Film Market – EFM), кој ќе се одржи  до 18 февруари, во рамки на Берлинале.

Македонскиот штанд е поставен на централна локација во музејот „Гропиус Бау“, каде што традиционално се одвива индустрискиот дел на фестивалот. Преку присуството на маркетот, македонската делегација ќе ги претстави најновите остварувања и актуелни проекти од домашната кинематографија, како и ќе реализира средби со потенцијални меѓународни партнери со цел воспоставување идни копродукциски соработки. За таа намена е подготвен специјален промотивен каталог, како и обемен промотивен материјал.

Особено значаен момент за македонската кинематографија оваа година претставува селекцијата на македонскиот филм „17“, во режија на Косара Митиќ, во програмата „Перспективи“ на Берлинале – програма која ги претставува и оценува најдобрите долгометражни дебитантски филмови од целиот свет. Светската премиера на филмот ќе се одржи на 18 февруари во 19:00 часот, во грандиозниот театар „Блумакс“ на Потсдамер плац, една од најпрестижните фестивалски локации во Берлин.

Филмот „17“ ќе има вкупно пет фестивалски проекции, на различни локации.

Покрај со промотивен штанд, Агенцијата за филм ќе биде активна и на онлајн платформата на Европскиот филмски маркет, овозможувајќи им на филмските професионалци кои нема да присуствуваат во Берлин да ги следат активностите и содржините во виртуелен формат.

ИЗДВОЕНИ