Планината Беласица над селото Банско е изложена на сериозен притисок од нелегалната сеча, алармираат надлежните институции, посочувајќи дека штетите што се нанесуваат врз шумскиот фонд се огромни и долгорочни.

Завчера била спроведена координирана заедничка акција во која учествуваа вработените во подружницата „Беласица“ при ЈП „Македонски шуми“, како и шумските полицајци од шумските полициски станици во Струмица и во Валандово.

Акцијата се одвивала на локациите Муртински Колиби и Јаворник, во Струмичкиот Регион, каде што биле затечени и одземени едно товарно моторно возило (ТМВ) комбе и едно патничко моторно возило (ПМВ). Според информациите од терен, токму со овие возила во изминатиот период била предизвикана значителна штета врз шумскиот појас на планината Беласица. Вчера пак, со помош на МВР и Граничната полиција – станица Ново Село, после одземените ТМВ комбе и ПМВ кола, одземено уште едно ПМВ кола со кое се превезувале бесправно посечени нежигосани огревни дрва, без соодветна документација и посечени на место кое не е предвидено за сеча.

Против сите инволвирани лица ќе бидат поднесени соодветни пријави, најавуваат надлежните, кои потенцираат дека ќе продолжат контролите со засилено темпо.

Од институциите порачуваат дека борбата против нелегалната сеча, нелегалниот превоз и нелегалната продажба на дрво и дрвни сортименти останува приоритет, со цел заштита на природните ресурси и спречување на понатамошна деградација на шумите во регионот.

 

ИЗДВОЕНИ