Инспектори на инспекциските служби во Општина Струмица, во координација со полицијата, деновиве заплениле и одзеле 31 килограм бакар од три лица, а за една компанија што управува со отпад, поради непоседување дозвола, е поведена постапка за спогодување пред комисија формирана од Министерството за животна средина.
Од Општина Струмица истакнуваат дека дополнително, на шест физички лица им се изречени прекршочни глоби од 50 евра, од страна на комуналните инспектори, по одлуката за комунален ред, а на четири физички лица – по 250 евра од страна на инспекторката за животна средина, согласно со Законот за управување со отпад, поради согорување отпад на отворено.
– Засилените контроли во делот со загадувањето на воздухот од согорување отпад и бакар на отворено ќе продолжат и во наредниот период, во координација со Министерството за внатрешни работи. Според планот за работа на Секторот за инспекциски работи, од страна на општинскиот инспектор за животна средина, во тек е вршење редовни инспекциски контроли на правни субјекти што поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола – наведуваат од локалната самоуправа.
Притоа додаваат дека градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, очекува од надлежните служби посветена, координирана и навремена работа, дејствување во рамките на законот, правилата и можностите, како и активна соработка со граѓаните.












