Станува збор за книга со записи што не се само огледало на повеќедецениската опседнатост на Павловски со македонските работи, како што има нагласено академик Гане Тодоровски, туку се и изворници на факти и ставови што се клучни за македонската историја, особено за периодот непосредно пред и по осамостојувањето на Македонија до денес. Ова е прва книга на Павловски од ваков вид, записи во кои се преплетуваат публицистичкото и документарното со белетристичкото мајсторство, а е резултат на неговата целоживотна посветеност како активен чинител, гласен, остар и објективен критичар на македонската општествена стварност, а не нем набљудувач на настаните

 

– Незамисливо е творецот да биде исклучен од настаните што ја одбележуваат неговата епоха. Во нашиов случај, кога транзициските процеси им се закануваат на основните вредности, недозволено е да се молчи или премолчува. Треба да се искористат сите изразни форми за да се влијае на прогресот – вели академик Божин Павловски, авторот на книгата „Записи од надземјето: чудесии“, објавена од Македонската академија на науките и уметностите и „Матица македонска“. Станува збор за книга со записи што не се само огледало на повеќедецениската опседнатост на Павловски со македонските работи, како што има нагласено академик Гане Тодоровски, туку се и изворници на факти и ставови што се клучни за македонската историја, особено за периодот непосредно пред и по осамостојувањето на Македонија до денес. Ова е прва книга на Павловски од ваков вид, записи во кои се преплетуваат публицистичкото и документарното со белетристичкото мајсторство, но е резултат на неговата целоживотна посветеност како активен чинител, гласен, остар и објективен критичар на македонската општествена стварност, а не нем набљудувач на настаните.

– Книгата „Записи од надземјето: чудесии“, всушност, овозможува и поттикнува да се согледа и колку би била поинаква македонската општествена стварност ако во децениите зад нас, особено оние на македонската самостојност, навремено се чуеше и разбереше гласот на македонскиот интелектуалец при носењето судбоносни одлуки за државата – посочуваат од „Матица македонска“.

Од оваа книга, останува да опоменува и пораката на Павловски испратена во запис пред да се случи финалето на минатиот век: „Завојувачката политика на Балканот не е завршена приказна. Некој ограбил уметничко богатство, но за возврат оставил гробишта, некој го расеал месното население за да доведе свои племиња кои фатиле корени, некој сега ја менува антропогеографијата. Сведоци сме на општо незадоволство и анимозитет. Како да се оствари чувство за мерка, како да се побара интернационално решение?“

На овие и на многу други прашања одговори има во записите на Божин Павловски, кои се дел од книгата. Тој уште во 1989 г. укажуваше и на проблемите што ги има Македонија во културата.

– Многу нерешени проблеми останаа во културата, не знам како ќе ги совладаме. Во кризни времиња, се изострува опасен впечаток дека нашето творештво и нашиот народ сè уште не се заедно. Би сакал да посочам два проблема што ја прават нашата култура како испустена работа: културната пропаганда и националниот суверенитет. Дефинитивно ќе треба да сфатиме дека Република Македонија е опсадена од националистички режими што атакуваат на нејзината култура и на антропогеографијата. Дека нашите предлози за културен натпревар меѓу народите ќе бидат одбивани или прифаќани зависно од актуелната стратегија и посебните интереси… – вели, меѓу другото, Божин Павловски во своите записи.

Со објавување на своите записи, како одделен жанр, покрај расказите, а потоа и романите, Божин Павловски започна уште во 1962 година, а своите први вистински колумни ги има објавено во 1988 и во 1989 година.

Од тој период наваму, Божин Павловски, неуморно, со години алармира, апелира и анализира во своите записи, за кои меѓу првите афирмативно се има изјаснето академик Георги Старделов.

Во книгата се опфатени и текстови што покажуваат како, покрај другите пропаганди во и против Македонија, Павловски уште тогаш, пред распадот на Југославија, укажувал на опасностите во врска со името на државата, прогнозирајќи го и она што се случи со Преспанскиот договор, како последователност ако навремено не се запре таквиот однос на некои политички центри на моќ кај соседите.

Македонската јавност, сега, преку книгата првпат има можност да прочита голем дел од тие записи на едно место, а со тоа и да има поцелосна слика не само за ставовите и улогата на Павловски во изминатите децении туку и за македонската реалност.

ИЗДВОЕНИ