Песната прв ја испеа Легендарниот Гоце Николовски!
Легендарната македонска песна „Запејте, сите ангели“, која го имаше своето деби во далечната 1991 година, на сцената на „Фолк-фест Валандово“, во изведба на легендарниот Гоце Николовски, деновиве е во ново руво, со современ аранжман и со гласот на Спасе Антевски, поранешната македонска ѕвезда на „Гранд“. Овој безвремен хит, кој низ годините стана еден од симболите на македонската фолк-музика, повторно се враќа пред публиката, која е желна да слуша македонски песни.
Композитор на оригиналната композиција е маестро Горан Алачки, а оваа нова верзија добива дополнителна нова енергија, под продукциската палка на „ТВ Плус“. Аранжманот е дело на Слаѓан Станишковски, кој успеа да ги зачува емоцијата и суштината на песната, со современи звучни елементи што ѝ даваат актуелност и уметничка димензија. Во новата верзија, се истакнуваат и врвните музичари: кавалот и зурлата на Гоце Димовски, тапанот и тамбурата на Мартин Илиевски и гитарата на Глигориј Стојанов. Снимена е во студиото на Ангел Ќосев. Сè е во знакот на топлината и распеаноста со кои се доживува и слуша песната.
– Ова не беше само идеја да се направи кавер-верзија туку и вистински предизвик – да ѝ се даде нова душа на песната што веќе има свое место во срцата на нашиот народ. Верувам дека музиката мора да се негува, но и да се развива. Оваа песна заслужува нов живот, нова публика и нова емоција – гордо изјави пејачот Спасе Антевски.
Со оваа интерпретација, тој потврдува дека квалитетната музика нема рок на траење. „Запејте, сите ангели“ повторно се пее на веселби, свадби, родендени, крштавки. Најдобрите песни никогаш не умираат!