Надлежните претпоставуваат дека запалени пакувања со сончоглед го предизвикале пожарот на депонијата кај Арачиново, по што се почувствувал мирис на изгорено во тој дел од градот. Со специјална пена, скопските пожарникари успеале целосно да го изгаснат огнот. На Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“, која ги интензивираше протестите против загадениот воздух – два пати во денот, поради постојаното палење на поранешната депонија, ќе ѝ се придружат и граѓаните од Гази Баба, и тоа со протест на раскрсницата Термо – Рампа кај железничкиот премин кон Маџари, на улицата „Перо Наков“. Протестот беше закажан за вчера во 18:00 часот

 

Сè уште не се санирани последиците од пожарите што беа предизвикани во магацин за електронски отпад во Трубарево и на депониите  „Вардариште“ и „Дрисла“, а вчеравечер гореше депонијата близу Арачиново, покрај стариот пат кон Куманово. Повторно се чувствуваше мирис на изгорено во повеќе делови од Скопје.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, објасни дека оваа депонија има ограда и влезна врата и дека скопските пожарникари ја нашле вратата на депонијата отворена. Притоа, во депонијата имало фрлено поголема количина пакуван сончоглед, кој горел со силен пламен, но и други горливи производи.

– Најверојатно, намерно запалениот сончоглед предизвикал опожарување на дел од депонијата. Поради насоката на струењето на воздухот, смрдеата од пожарот во оваа депонија, најверојатно, се чувствува во делови од Скопје – изјави Ангелов.

По неколкучасовно гаснење, со специјална пена скопските пожарникари успеале целосно да го изгаснат огнот во депонијата кај Арачиново, иако, како што рече Ангелов, сè уште може да се забележи чадење на неколку места.

ПРЕГЛЕДАНИ 200 ЛИЦА ОД ТРУБАРЕВО

Во меѓувреме, жителите на скопското село Трубарево сè уште ги чувствуваат последиците за здравјето по стравотниот пожар што избувна пред две недели.  Во двата дена, во рамките на скринингот што го спроведе Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија, биле прегледани над 200 пациенти, а акцијата била одлично прифатена од локалното население.

Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека во следниот период ќе продолжи да се следи состојбата, во соработка со сите надлежни институции.

Според информациите од тимовите на Клиниката за пулмологија, кај дел од пациентите биле забележани симптоми како отежнато дишење, сува кашлица и стегање во градите, а кај други бил откриен и покачен крвен притисок.

Доктор Сеад Зејнел од Клиниката за пулмологија објасни дека најголем дел од упатените пациенти имале хронични заболувања, кои се влошиле поради загадувањето.

– Станува збор за пациенти со астма или ХОББ, дел од нив се пушачи и не ги земале редовно претходно препишаните лекови. Токму затоа ги упативме на Клиниката за да се направат ревизија на терапијата и дополнителни испитувања – нагласи д-р Зејнел.

Тој додаде дека кај голем број жители се јавиле симптоми како печење на носот, очите и на грлото, како и по малку стегање во градите, кои, според него, најчесто се надминуваат со општи препораки.

Скринингот беше спроведен на два пункта во населбата, каде што тимовите вршеа клинички прегледи, мерење на пулсот, сатурација и процена на виталниот капацитет. Министерството за здравство апелира сите службени лица: пожарникари, полицајци и припадници на ДСЗ што учествувале во гаснењето на пожарот, доколку имаат здравствени проблеми, директно да се обратат на Клиниката за пулмологија.

МАСОВНИ ПРОТЕСТИ ЗА ЗАТВОРАЊЕ НА „ВАРДАРИШТЕ“

И Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ ги интензивираше протестите против загадениот воздух, поради постојаното палење на поранешната депонија „Вардариште“, кај мостот „Близнаци“ и во паркот Авионче. Тие освен во 18:00 часот, вчера имаа и утрински протест од 7:30 часот, а најавија два протести и за денеска.

Утринава им се придружил и в.д градоначалникот на Општина  Аеродром и актуелен кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески.

Тој се обидел да објасни дека Општина Аеродром нема надлежности со кои е обврзана да ја реши поранешната депонија „Вардариште“, но насобраните му порачале дека тој, како институција градоначалник, може да притиска кон надлежните институции, да седне со неговиот колега од Гази Баба, каде територијално припаѓа депонијата и што поскоро да се реши проблемот. Митески ветил дека денеска од утринскиот протест заедно со сите кои ќе се соберат на протест ќе замине на Вардариште.

Од Иницијативата „Стоп за Вардариште“ бараат институциите да започнат процес за конечно затворање на депонијата и да се санкционираат сите кои предизвикуваат загадување со потпалување пожари. Исто така, тие бараат ригорозни мерки против сите кои продолжуваат да фрлаат отпад во Вардариште.

Барањата се доставени до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Град Скопје, како и општините Гази Баба и Аеродром. До овој момент, институциите не дале одговор.

На Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ ќе ѝ се придружат и граѓаните од Гази Баба, и тоа со протест на раскрсницата Термо – Рампа кај железничкиот премин кон Маџари, на улицата „Перо Наков“. Протестот е закажан за попладне во 18:00 часот.

Незадоволство со протести подолг период изразуваат и жителите на селото Љубојно, против „голосекот“ на шумата.

– Македонија не е депонии, рудници, пресушени реки и уништени шуми! Доста беше! – порачаа и од „Зелена народна стража“.

Инаку, според информациите на Центарот за управување со кризи, денеска до 12:00 часот, на територијата на државата имало вкупно шест пожари на отворен простор, од кои активни и под контрола немало, а биле изгаснати шест пожари.

Биле изгаснати пожарите: во селото Долгаец, место викано Тутуница, во Општина Долнени; во селото Дабница и местото викано Три Багреми во Општина Прилеп; во селата Малчиште и Осинчани во Општина Студеничани; во селата Малино, Танушевци и Лукаре во Општина Чучер Сандево и Липково; на планината Кожуф во Општина Гевгелија и на депонијата „Острец“ во Делчево.

(А. П.) 

 

 

ИЗДВОЕНИ