среда, февруари 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Занаетчиите уплашени, повисок минималец ќе им ги затвори дуќаните

Занаетчиите уплашени, повисок минималец ќе им ги затвори дуќаните

34

Зголемувањето на минималната плата на 600 евра, иако на прв поглед звучи како чекор кон подобар животен стандард, може да има сериозни последици за занаетчискиот сектор и малите семејни бизниси. Наместо поголема сигурност за работниците, ваквиот потег ризикува да предизвика затворање на дуќани, отпуштања и дополнително осиромашување на локалните заедници, предупреди Занаетчиската комора – Скопје.

Од Комората посочуваат дека не се против пораст на платите, но инсистираат тој да биде реален, законски утврден и темелно анализиран. Според нив, наглото покачување на минималната плата на 600 евра би значело драстично зголемување на трошоците за придонеси, што за многу занаетчии е товар кој не можат да го издржат. Во услови на постојано растечки трошоци за струја, репроматеријали и закупнини, дополнителниот притисок врз платите може да биде пресуден за опстанокот на илјадници мали бизниси.

Претседателот на Занаетчиската комора – Скопје, Горан Ристовски, нагласи дека се особено ранливи занаетчиите во помалите градови и руралните средини, каде што куповната моќ е значително пониска, а миграцијата ги празни работната сила и клиентелата. За да ја зачуваат ликвидноста, занаетчиите ќе бидат принудени да ги зголемат цените на своите производи и услуги, што, пак, ќе ја намали побарувачката и ќе го забрза затворањето на дуќаните. Во таков круг, предупредуваат од Комората, најмногу губат и работниците и локалната економија.

Ристовски посочи дека зголемувањето на минималната плата директно ќе ги погоди и занаетчиите кои плаќаат паушален данок по решение од УЈП, како и оние што се оданочуваат според реално остварен приход. За нив, новата минимална плата автоматски значи повисоки придонеси, без разлика дали бизнисот во моментот остварува доволно приходи за да го покрие тој трошок.

Според податоците на Комората, само во Скопје работат повеќе од 2.300 занаетчии, а на ниво на држава, нивниот број е речиси 8.000. Недостигот од работна сила е присутен во сите сектори, но охрабрувачки е што сè повеќе млади покажуваат интерес за дуалното образование и за занаетчиските професии. Сепак, без внимателно балансирање меѓу социјалните цели и економската реалност, предупредуваат занаетчиите, ризикот е тие работни места воопшто да не опстанат.

 

 

ИЗДВОЕНИ