недела, јануари 18, 2026
Дома СКОПСКА Заловени повеќе напуштени кучиња што шетаа по гробовите во Бутел

Заловени повеќе напуштени кучиња што шетаа по гробовите во Бутел

89

Јавното претпријатие „Лајка“ изминатата недела спровело интензивни активности за заловување на напуштените кучиња што шетаа по гробовите во Бутел.

– По алармантниот пораст на случаи на напуштање кучиња во околината на Градските гробишта Бутел, изминатата недела интензивно работевме на терен за да ги заловиме напуштените животни и да спречиме понатамошна нивна репродукција на оваа локација – соопштија од претпријатието.

Оттаму додаваат, нивните теренски екипи секојдневно биле присутни на оваа локација и биле заловени повеќе кучиња.

– Сите животни беа безбедно транспортирани во прифатилиштето, каде што ќе добијат соодветна нега, ветеринарен преглед, ќе поминат хуман третман и ќе бидат подготвени за вдомување – објаснија од ЈП „Лајка“.

Од претпријатието велат дека ќе продолжат овие активности и во наредниот период, во соработка со инспекциските служби и надлежните институции, нагласувајќи дека нивни приоритет се заштитата на животните и обезбедувањето безбедна средина за граѓаните.

Тие повторно апелираат до граѓаните да не ги напуштаат животните, бидејќи напуштањето е казниво дело.

– Пријавувајте сомнителни активности или напуштање животни на јавни површини. Размислете за вдомувањето или за стерилизацијата како одговорен чекор – препорачуваат од ЈП „Лајка“, додавајќи дека остануваат посветени на хуманото и одговорно решавање на проблемот со бездомните животни, но, како што наведуваат, за трајно решение, потребна е и поддршка од граѓаните.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ