Новите градоначалници што ќе бидат избрани на есенските локални избори, се чини, нема да стравуваат од тоа дали ќе биде распишан граѓански референдум во текот на мандатот за да бидат разрешени од функцијата. Но, но нема да можат ниту да формираат комунална редарска служба, да ја воведат функцијата градски архитект… а кои треба значително да им помогнат во работата и во реализацијата на ветените проекти. Сето ова е од причина што во македонското Собрание веќе подолго време не може да се изгласаат новите измени во Законот за локална самоуправа, кои правно треба да ги овозможат таквите промени. Причина за недонесувањето е категоричниот став на опозицискиот „Европски фронт“, предводен од ДУИ, кој не сака да гласа за така подготвените законски измени. Интегративците особено реагираат на одлуката на Владата од септември минатата година, со која е намален бројот на советници во повеќе општински совети, поради тоа што пописот на населението од 2021 година покажал дека има значително помалку население во нив отколку пред тоа. Поради тоа, не може да се исполни условот за двојно Бадентерово правило и не може да бидат изгласани промените за да стапат на сила.
Според Законот за локална самоуправа, бројот на советнички места се одредува според бројот на жители и тој не смее да биде помал од девет (во општините до 5.000 жители) и не смее да биде поголем од 33 советници. Базирајќи се на податоците од пребројувањето, Владата донесе одлука со која во вкупно десет општини е намален бројот на советнички места, врзано за бројот на резидентно население. Најголем пад во советничките мандати ќе има во Општина Гостивар, каде што во следните години ќе има дури осуммина советници помалку, во Крива Паланка, Јегуновце, Теарце, Ново Село и во Желино ќе има по четворица советници помалку, а во Куманово, Дебрца, Пехчево и во Центар Жупа ќе има по двајца советници помалку. Повеќе советнички места ќе има во Студеничани – четири и во Карпош – две. Скопје и натаму треба да има 45 советнички места.
ДУИ, во своето вчерашно соопштение, категорично побара Владата да ја укине таа одлука. Партискиот портпарол, Арбр Адеми, вчера изјави за весникот ВЕЧЕР дека, според нив, одлуката за намалување на бројот на општински советници е антиуставна и незаконска, ги дискриминира општините и ја исклучува дијаспората.
– Владата еднострано ја смени методологијата за пресметка на процентот на население преку исклучување на нерезидентите, што во практика значи исклучување на дијаспората. Оваа одлука претставува директно кршење на членот 34 од Законот за локална самоуправа, каде што јасно стои дека се определува бројот на советници врз основа на бројот на жители, а не врз основа на нивниот резидентен статус. Спорната одлука е спротивна и на Уставот на државата, како и на основните принципи на еднакво претставување и право на учество. Уставниот суд, познато е, донесе одлука во наша полза, констатирајќи дека институциите не смеат да ги игнорираат нерезидентните граѓани, бидејќи тоа е спротивно на духот на еднаквост и инклузивност што го гарантира Уставот – потенцира Адеми.
Тој додава дека нивната партија и коалицијата воопшто не биле консултирани околу носењето на овие законски промени.
– Нашиот став е да не гласаме за вака предложеното законско решение. Но, ние сме подготвени да разговараме и преку конструктивен дијалог да дојдеме до квалитетни решенија – вели Адеми.
Измените во Законот за локална самоуправа само се дел од неколкуте законски промени што се закочени во македонскиот Парламент, поради неможноста да се обезбеди Бадентеровото правило. Од истата причина и поради ставот на ДУИ, не може да се донесат и измените во Изборниот законик врзани за условите за кандидирање на независни градоначалници и на советници. Според сегашната состојба, тешко дека може да се очекува да бидат донесени законските измени пред локалните избори.
Кога беа подготвувани и во текот на јавната расправа, измените врзани за Законот за локална самоуправа беа најавувани како основа што ќе ја подобри работата на општинските градоначалници. Со нив, првпат ќе се воведе можноста граѓаните преку референдум да можат да ги менуваат градоначалниците што не работат добро.
– Целта е да се унапредат оние аспекти потребни за поефикасно управување во локалните самоуправи. Тоа се измени со кои ќе се овозможи отповикување на градоначалниците, а што е механизам за демократска контрола. Тука се и поголемата отчетност, намалувањето на прагот за граѓански иницијативи, подобрувањето на хигиената, можноста да се именуваат градски архитекти, сè со цел да се зајакне демократската култура – изјавуваше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во текот на јавната расправа.
Решенијата предвидуваат да биде распишан референдум за смена на градоначалникот откако 20 проценти од запишаните избирачи би го побарале тоа. Но, не би можел да биде распишан референдум во првата и во последната година од мандатот. Се предвидува и можноста да се формира комунална редарска служба, а во општините со седиште во град градоначалникот да може да именува главен архитект на градот, чиј делокруг на работа ќе биде утврден со посебна одлука. Ваквите новини се од особена важност за новите градоначалници, а повеќемина веќе познати кандидати ветуваат во своите јавни настапи дека ќе ја подобруваат хигиената во општините врз основа на воведувањето комунална редарска служба. (Б. Ѓ.)