петок, февруари 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Законски измени за зголемување на минималната плата на 500 евра

Законски измени за зголемување на минималната плата на 500 евра

236

Пратеничката група на Левица најави предлог-измени на Законот за минимална плата со кои се бара зголемување на минималната месечна плата на 30.000 денари, почнувајќи од јули 2025 година.

Предлогот, како што истакна пратеникот Амар Мециновиќ, е изготвен во согласност со барањата на синдикатите и е одговор на тешката економска состојба во која се наоѓаат граѓаните.

– Ова го предлагаме веднаш по најголемото задолжување во историјата на Република Македонија – шест милијарди евра. За да се избегнат штетните ефекти од евентуалните мерки на штедење, потребно е веднаш да се зголеми минималната плата – рече Мециновиќ.

Според него, сегашната минимална плата од 24.000 денари не е доволна за основна егзистенција и дека „граѓаните бројат денари и денови како да преживеат во услови на инфлација“.

– Од енергетската и од корона-кризата, па наваму, видовме како расте профитот на најголемите компании. Затоа мора, конечно, бизнис-елитата да го сноси товарот од економската криза, а не обичниот работник. Овој закон не ги ни исполнува потребите на нашите граѓани, но е чекор напред кон подобрување на нивната куповна моќ и на егзистенцијалната сигурност. Време е да се прифати ова решение – рече Мециновиќ.

Тој ја критикуваше Владата за, како што рече, системско разбивање на синдикалното организирање и за притисоци врз работниците.

ИЗДВОЕНИ