Со мнозинство гласови, пратениците вчера попладне ја изгласаа потребата од носење на предлог-законот за Судски совет, кој е еден од законите предвидени со реформската агенда, објави Министерството за правда. Законот се проследува на второ читање, по што ќе следува пратеничко гласање за конечно негово усвојување.- Законот предвидува значајни новини, меѓу кои: јавност во постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет, прецизирање на критериумите за избор на истакнат правник, воведување јавна расправа при изборот на кандидати за несудски членови, зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членовите од редот на судиите, како и јасно дефинирана постапка за дисциплинска одговорност на судиите и на членовите на Советот – рече министерот Филков во образложението.
Тој нагласи дека со овие измени се надминуваат системските недостатоци и правните празнини, а се исполнуваат препораките на ЕУ за зајакнување на интегритетот на судската власт. Според расположението во пратеничките групи, се чини дека нема да има поголеми проблеми да биде изгласан законот. Неодамна, на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија, и со поддршка од опозицијата, беше поддржан текстот на законот.
Од друга страна, се поставува прашањето дали ќе биде изгласан во Парламентот и новиот закон за правична и соодветна застапеност, кој неодамна доби позитивна оцена од Венецијанската комисија. Вицепремиерот за доброто владеење, Арбен Фетаи, тогаш изјави дека со тоа се потврдило дека решенијата се во целосна согласност со европските стандарди и со демократските вредности.
– Законот овозможува правична вклученост во вработувањето во органите на државната власт и во другите јавни институции на сите нивоа, без да се нарушат квалитетот и професионализмот. Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на самоидентификацијата – наведе Фетаи.
Но, од редовите на опозициската ДУИ најавуваат дека нема да го поддржат предложеното решение. Ексминистерот за надворешни работи, Бујар Османи, објави на социјалните мрежи дека предметниот предлог-закон не може да го замени механизмот балансер. Со тоа се отвора прашањето дали предложеното законско решение ќе го добие потребното Бадентерово мнозинство предвидено за законските акти, кои се однесуваат на правата на помалубројните етнички заедници. (Б. Ѓ.)












