Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ) ги поддржува новите законски решенија за заштита од пушењето, но посочи дека треба да се обезбедат мерки што нема да доведат до намалување на бројот на работници во секторот.

– СУТКОЗ има забелешки и ќе ги доставиме. Очекуваме и угостителите, преку Комората на работодавачи, да го дадат своето мислење. Нашата цел е да не се загубат работни места, особено затоа што се дефицитарни овие два сектори со кадар. Покрај ниските плати, дел од работниците заминуваат во странство, а новиот закон не смее да ја влоши таа состојба – рече претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски.

Тој додаде дека претходниот Закон за пушење имал добро решение со предвидени простори за пушачи во угостителските објекти и дека сега е потребна стриктна контрола за да се задоволат интересите и на пушачите и на непушачите.

– Со посилна примена и контроли, сметаме дека ќе се постигне рамнотежа и ќе се заштитат и работниците и посетителите во објектите – нагласи Кашиковски.

Претседателот на СУТКОЗ, исто така, изрази поддршка на Синдикатот за новиот закон за угостителство, кој се подготвува од Министерството за економија и труд, истакнувајќи дека построгите решенија ќе придонесат за зголемена безбедност и здравје при работа и ќе ги заштитат и работниците и посетителите.

– Апсолутно даваме поддршка за новиот закон за угостителство, кој е поригорозен. Со овие построги законски решенија ќе се избегнат можности за повреди и ќе се унапредат работничките права – рече Кашиковски.

ИЗДВОЕНИ