Владејачкото мнозинство, на денешната пленарна седница, не го стави на дневен ред законот за помош на семејствата на загинатите и повредените во Кочани, предложен од пратеничката група на СДСМ. Од 94 присутни во собраниската сала, 18-мина пратеници гласаа „за“, а еден беше воздржан. СДСМ предложи закон за финансиски надоместок за семејствата што загубиле член, за повредените со различен степен на инвалидитет, како и поволности во образовниот систем за децата што губат часови поради лекување. Во истиот предлог беа опфатени и семејствата од трагедиите во Тетово, Ласкарци и „Беса транс“. Претходно ги повикаа сите пратенички групи да дадат поддршка и да го изгласаат за да покажат единство дека не треба да постои политикантство за вакви трагедии.
За ВМРО-ДПМНЕ, законот е политички маркетинг на опозицијата и нема да дозволат да се злоупотреби несреќата, изјави пратеникот Бране Петрушевски, на прес-конференција.
– Овој предлог-закон е делумно неприменлив, делумно влегува во колизија со сопствените одредби, а делумно се преклопува со постојни законски права. Сето тоа укажува дека станува збор за документ што повеќе служи за политички маркетинг отколку за вистинска поддршка – изјави Петрушевски и нагласи дека продолжува владината поддршка за сите погодени од трагедијата во Кочани.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ отвори низа прашања за безбедносните стандарди, инспекциските контроли и за институционалната одговорност во државата. Истрагата сѐ уште е во тек, а јавнообвинителската одлука се чека на 16 или 17 јуни. Судскиот совет почна со подготовките за судењето на 50-ина осомничени за несреќата. Иако, на вчерашната седница, се обиде кадровски да зајакне Судот во Кочани, сепак, никој од судиите во Велес самоволно не сакал да биде делегиран таму. Членовите ја избраа судијката Емине Качал, а, според проценките, ќе бидат испратени уште двајца судии.