Закерберг го престигна Безос, сега е втор најбогат човек во светот

60
EPA-EFE/SHAWN THEW

Марк Закерберг го престигна Џеф Безос и стана вториот најбогат човек во светот, според индексот на милијардери на Блумберг.

Извршниот директор на Мета и основач на Фејсбук моментално има имот вреден 225 милијарди долари, надминувајќи го Безос, чие богатство се проценува на 223 милијарди долари. И двајцата сè уште заостануваат зад шефот на Tesla, Илон Маск, кој е на убедливо прво место, со нето богатство од 370 милијарди долари, според податоците за денес.

Богатството на Закерберг се зголеми за 17,3 милијарди долари од почетокот на годината, додека останатите тројца на врвот на листата, Маск, Безос и основачот на Оракл, Лери Елисон, забележаа загуби во тој период.

Најголем дел од богатството на Закерберг доаѓа од неговиот личен удел во Мета. Тој поседува приближно 13 отсто од акциите на компанијата, чија вредност од почетокот на годината порасна за речиси 9 отсто, а вчера го затвори тргувањето по 635,50 долари по акција.

Индексот на милијардери на Блумберг секојдневно ги рангира најбогатите луѓе во светот. Детали за тоа како се прави пресметката се достапни во анализата на имотот на профилот на секој милијардер на веб-страницата на Блумберг. Податоците се ажурираат на крајот од секој трговски ден на Њујоршката берза.

ИЗДВОЕНИ