EPA/JOEL CARRETT AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Италијанскиот тенисер Лоренцо Мусети, може да биде горд што се квалификуваше во четврт-финалето на сите четири гренд слем турнири. Сепак, прашање е дали може да продолжи понатаму популарниот Мусети со оглед на тоа што следната пречка за него на Австралија опен е речиси непобедливиот Новак Ѓоковиќ, против кого има само една победа (земјена подлога, Монте Карло, 2022 г.) и дури девет порази. Тој стигна до четврт-финалето во Мелбурн благодарение на победата над Американецот Тејлор Фриц, со 6;2, 7:5, 6:4.

– Чувството беше одлично, играјќи првпат на толку голема сцена како Род Лејвер арена, како професионалец. Го кренав трофејот тука како јуниор, но никогаш не сум играл во толку прекрасна атмосфера. Се подготвив добро, играв напорно и направив сè што е потребно за да триумфирам. Точно, во првиот сет не сервираше многу добро, но потоа играше како што прави обично, сервираше добро. Бев фокусиран на себе, не го гледав него. Во минатото, премногу се фокусирав на противникот, но сега не беше случај тоа. Го променив малку мојот пристап кон играта, мојот менталитет, што беше случај на Отвореното првенство на САД, минатата година. Не се чувствував добро по Вимблдон, се вратив од повреда и загубив во првите кола на турнирите во Вашингтон, Торонто, Синсинати. Потоа, во Њујорк, играв поагресивно и успеав да победам. Тој Њујорк беше пресвртница, оттогаш се чувствувам подобро на бетон – изјави Италијанецот.

Мусети одговори и на прашањето што мисли за дуелот со најдобриот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, во наредното коло.

– Играњето со Новак е секогаш предизвик, особено тука, каде што тој толку многу пати го има освоено трофејот и ги знае условите. Мислам дека ќе биде тежок натпревар. Се чувствува добро, досега не загуби сет и сега имаше неколку дена одмор. На таа возраст, веројатно би бил среќен поради тоа – да биде што е можно подобро подготвен за четврт-финалето. Игравме еден против друг многу пати, славев само еднаш, се надевам дека е време за реванш бидејќи бев блиску во Атина – објави Италијанецот.

Новак Ѓоковиќ, пак, без борба се проби во четврт-финалето откако Јакуб Меншик го предаде осминафиналниот дуел. Чехот се повлече од турнирот поради повреда.

 

ИЗДВОЕНИ