Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против дваесетгодишен жител на Мала Речица, осомничен за кривично дело – тероризам.
Според информациите од обвинителството, осомничениот на крајот на јануари годинава преку социјалната мрежа „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47, позната како „калашников“. Во пораките тој навел дека има нарушено психичко здравје, а како инспирација го посочил масакрот од 14 декември 2012 година во САД, кога дваесетгодишниот Адам Ланза уби 26 лица, од кои 20 деца.
ФБИ алармирало, МВР реагирало
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на Federal Bureau of Investigation (ФБИ) е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил лоциран во земјава, од каде биле упатени заканите, Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК презело мерки за идентификација на сторителот.
По утврдување на корисничката адреса, на 17 февруари 2026 година, под раководство на јавен обвинител, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со асистенција на специјалната антитерористичка единица САЕ Тигар, извршиле претрес во дом и други простории во Мала Речица.
Пронајдени оружје и повеќе електронски уреди
При претресот кај осомничениот биле пронајдени и одземени секира, пет ножеви со различна должина, телескоп, седум iPhone мобилни телефони и компјутер.
Од неговиот татко бил одземен пиштол за кој поседувал дозвола, како и повеќе парчиња муниција. Дополнително, кај дедото на осомничениот биле пронајдени пиштол и автоматска пушка што ги поседувал без дозвола, по што против него е поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство во Тетово за кривично дело – недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Судот го прифатил предлогот и му одредил притвор во траење од 30 дена.
Истрагата продолжува.(П.А.)












