Овие негови зборови доаѓаат во време на ескалација на тензиите меѓу Русија и НАТО, особено поради војната во Украина и промената на ставот на американскиот претседател, Доналд Трамп, кој сугерираше дека Украина може да ги врати териториите загубени во конфликтот со Русија
Сергеј Караганов, руски политиколог и почесен претседател на Рускиот совет за надворешна и одбранбена политика, предизвика шок со изјавата дека некористењето нуклеарно оружје во Европа би било страшен грев. Караганов, познат по прекарот Професор на Судниот Ден, тврди дека употребата на тактичко нуклеарно оружје е неопходна за да се спречи поширок конфликт меѓу Русија и Соединетите Американски Држави.
– Употребата на нуклеарно оружје, во екстремни случаи, е ужасен грев, но да не го користите и да го осудите својот народ на голема војна е уште поголем грев – рече тој во интервју за руската државна телевизија.
Овие негови зборови доаѓаат во време на ескалација на тензиите меѓу Русија и НАТО, особено поради војната во Украина и промената на ставот на американскиот претседател, Доналд Трамп, кој сугерираше дека Украина може да ги врати териториите загубени во конфликтот со Русија, пишува „Експрес“.
Караганов, познат по својата блискост со Кремљ, го повтори наративот за „закана од Западот“, тврдејќи дека е потребно да се „скрши волјата на европските елити“ за да се спречи понатамошна ескалација.
– Мора да ја напуштиме идејата дека не може да се добие нуклеарна војна. Тоа е глупост. Нуклеарна војна може да се добие, не дај Боже да се случи – додаде тој, предизвикувајќи загриженост кај меѓународните набљудувачи.
Според извештаите, руски воени авиони неодамна го нарушиле воздушниот простор на НАТО, додека руски нуклеарни подморници се забележани во Северното Море, што предизвика состојба на висока готовност кај членките на Алијансата, пренесува „Вечерњи лист“. Покрај тоа, тврдењата за руски план за инвазија на „сивата зона“ пред крајот на годината дополнително ги зголемија стравувањата од потенцијална трета светска војна.