Тврдењата за наводното труење на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални со отров од жаби се информативен спин од страна на Западот, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– Ќе има резултати од анализи, ќе има формули на супстанции, ќе има коментари – изјави Захарова за ТАСС, додавајќи дека, без такви податоци, сите изјави и шпекулации се обид да се одвлече вниманието од актуелните проблеми на Западот.
Таа истакна дека темата за Навални повторно се поставува во време кога од западните земји се бара да ги презентираат резултатите од истрагата за гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.
Инаку, пет земји тврдат дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил отруен и ја обвинуваат Русија за неговата смрт, што ќе го пријават до Организацијата за забрана на хемиско оружје.
Министерствата за надворешни работи на Велика Британија, Франција, Германија, Шведска и Холандија денес објавија дека анализите на телото на Навални, кој почина пред две години, „конечно го потврдија присуството на епибатидин“ – токсин пронајден во кожата на вид отровна жаба што живее во Јужна Америка.












