Составот на руската делегација во втората рунда преговори во Истанбул на 2 јуни ќе биде истиот како и претходниот пат, изјави денеска претставничката на Министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова.
Првиот состанок меѓу Москва и Киев беше одржан во Истанбул на 16 мај кога Русија ја претставуваа помошникот на претседателот Владимир Медински, заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галузин, началникот на Главната дирекција за разузнавање на Генералштабот на руските вооружени сили Игор Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.
„Истата руска делегација“, рече Захарова како одговор на прашање додека гостуваше во емисијата „60 минути“ на телевизискиот канал „Русија-1“, објави „РИА Новости“.
Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров објави дека нова рунда разговори меѓу Русија и Украина ќе се одржи во понеделник, 2 јуни, во Истанбул.
На овие состаноци, рече тој, Москва ќе презентира меморандум за иден мировен договор, кој ги содржи сите аспекти за надминување на основните причини за конфликтот, пренесува „Танјуг“.