Захарова ги обвини европските сили за нелегитимен „снепбек“ механизам

75

Захарова ги обвини европските сили дека законски го активираат механизмот „snapback“ за обновување на санкциите врз Иран, заобиколувајќи ја пропишаната постапка на Советот за безбедност на ООН.

Обидите на Велика Британија, Франција и Германија да ги обноват старите санкции на Советот за безбедност на ОН против Иран претставуваат правен маневар што наликува на измама, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесува ТАСС.

Захарова го критикуваше начинот на кој европските сили го активираа таканаречениот механизам „snapback“ – постапка што овозможува автоматско враќање на претходните санкции против Иран, без ново гласање во Советот за безбедност. Според неа, Европејците прескокнаа клучен чекор: обид за решавање на споровите преку официјалниот механизам предвиден во резолуцијата 2231.

– Наместо да се следи постапката и прво да се активира механизмот за решавање на спорови, европската тројка директно го достави документот до Советот за безбедност. Таквиот пристап не само што ги крши правилата, туку и целосно ги заобиколува – рече Захарова.

Таа потсети дека на 28 август до Советот за безбедност е испратено писмо со кое се активира „snapback“ и дека рокот од 30 дена истече на 27 септември. Иако формално ова значи дека санкциите стапуваат на сила, Захарова нагласува дека таквата одлука е правно ништовна, бидејќи не е спроведена во согласност со постојните правила.

– Доколку некоја страна сама ги прекрши правилата, таа го губи правото да ги користи механизмите што ги дефинираат истите тие правила – нагласи таа.

Захарова, исто така, го обвини Западот дека со години не ги почитува своите обврски според нуклеарниот договор со Иран, потсетувајќи дека САД еднострано го напуштија договорот во 2018 година, додека европските земји воведоа национални санкции штом истече рокот за ограничувања на ОН на 18 октомври 2023 година.

Како дополнителен аргумент, Захарова наведе дека на 26 септември, Русија и Кина предложиле продолжување на важноста на Резолуцијата 2231 до април 2026 година, со цел да се обезбеди простор за дипломатија и да се спречи понатамошна дестабилизација. Сепак, овој предлог не добил поддршка од западните членки.

– Европејците побрзаа да го протуркаат своето решение пред Русија да го преземе претседателството со Советот за безбедност. Таквиот потег не е само политички мотивиран, туку и ги крши два основни правни принципи: обврската за почитување на меѓународните договори и принципот на „чисти раце“ – додаде таа.

Конечно, Захарова предупреди дека таков преседан може сериозно да ги поткопа темелите на меѓународниот правен поредок.

– Ова не е само дипломатски инцидент. Станува збор за глобална безбедност и кредибилитет на меѓународниот систем. Западот создава паралелна реалност во која правилата важат само кога им одговараат – заклучи портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.

ИЗДВОЕНИ