Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова оцени во саботата дека европските лидери што го поддржуваат Киев се како „мутирани џуџиња“, додавајќи дека повиците за решавање на украинската криза за нив се непознати, пренесе ТАСС.
– Колку што се сеќавам во бајката, седумте џуџиња ѝ помагаа на Снежана, не ѝ се закануваа, не правеа гримаси и, што е најважно, не сакаа да ја доведат до страшната вештерка што сакаше да ја убие, изјави Захарова во интервју за ТАСС, осврнувајќи се на изјавата на поранешната австриска министерка за надворешни работи Карин Кнајсл, која европските лидери на средбата со американски претседател Доналд Трамп ги спореди со „седумте џуџиња“.
Захарова изјави дека на средбата со Трамп имало „џуџиња од друга бајка и дека тие биле дел од системот што довел до обидот за атентат“ врз американскиот лидер.
Таа истакна дека овие лидери не се откажале од своите ултралиберални ставови, активно се спротивставувале на Трамп и го исмејувале, игнорирајќи ги неговите повици за решавање на украинската криза. Портпаролката го опиша Трамп како „светла политичка фигура“ со уникатен стил на дискусија, нагласувајќи дека е „кратковидо и погрешно“ неговите изјави за Украина да се третираат површно или со потсмев.
– Човек што преживеал обид за атентат и добил втора шанса постојано зборува за потребата од решавање на ситуацијата во Украина, земја со која нема директна врска. Тоа значи дека тој навистина сака да биде дел од решението, рече Захарова, додавајќи дека неговите изјави заслужуваат сериозно внимание и претставуваат преседан за американската политика во последните децении.