Откривањето на сторителите и на нивните намери за предизвикувањето на големите пожари и загадувањето што деновиве го зафатија подрачјето на македонската метропола, ќе биде најдобриот одговор на прашањето дали се води хибридна војна и диверзии против Македонија. Тоа ќе биде и одговор на политичките конфронтации меѓу власта и опозицијата околу тоа дали постои и политичка умисла во потпалувањето на пожарите на „Вардариште“, „Дрисла“ и во Трубарево. Истовремено, ќе даде и насоки за постапување на надлежните државни институции, почнувајќи од поголема безбедност и уредување на големите депонии, кои сè почесто горат и го загрозуваат здравјето на населението, па сè до соодветен одговор на хибридните војна и диверзии, кои, според тврдењата на владините функционери, се случуваат против нашата земја. Но, и ќе каже дали се злоупотребува безбедносната сфера во државата од стана на врвот на власта, како што тврди опозицијата. Вакво е мислењето на безбедносните експерти за актуелната состојба, по големите пожари и загадувањето на воздухот и на почвата, кои гореа и чадеа до вчера, на трите најзагрозени локации. Според Злате Димовски, универзитетски професор на Факултетот за безбедност, извесно е дека постоеле некои индиции.
– Очигледно дека безбедносно-разузнавачката заедница имала индиции или располагала со потврдени информации за намерите на засега неидентификуваните сторители, па претпоставувам дека оттука се и изнесените размислувања на официјалните лица за актуелните случувања – вели Димовски за весникот ВЕЧЕР.
Овој безбедносен експерт смета дека сега треба интензивно да се работи да се откријат сторителите и доказите дека тие стојат зад подметнувањето на пожарите.
– Сигурно дека веќе се работи на обезбедување доказен материјал и на собирање релевантни информации за настанот. Интензивирањето на теренските активности ќе даде можност за доаѓање до соодветни оперативни информации и крајно идентификување на лицата што би можеле да се подметнувачи на пожарот или имале друга улога за реализација на настанот. Се надевам на брзо расветлување – вели тој.
Според него, хибридните закани или хибридната војна може да имаат различни форми, но кај нив најважен елемент е намерата што се сака да се постигне.
– Доколку ја идентификуваме намерата или намерите, кои може да бидат мултидимензионални и мултифакторски, тогаш може да кажеме дека се работи за хибридни закани или може да се идентификуваат и како терористички закани, затоа што и пожарите се метод на дејствување на терористите, заради постигнување на своите цели – потенцира овој експерт.
Премиерот Христијан Мицкоски завчера ја наметна дилемата дека пожарите што се случуваат во државата се организирани од центри на моќ од државата и однадвор, за што рече дека има информации од службите.
– Сакам да кажам дека ќе се случуваат вакви работи и дека нема да престанат и сакам да упатам апел и до граѓаните дека ќе има вакви подметнувања и диверзии и во периодот што следува, затоа што има центри на моќ во државата, но и надвор што не сакаат да успее оваа Влада. Ние ќе се бориме. Тие ќе продолжат да подметнуваат, ќе продолжат да креираат, да „лешинарат“, а ние ќе продолжиме да работиме, да се бориме и на крај ќе победиме – изјави Мицкоски во врска со пожарот во Трубарево, каде што гореше објект со електронски отпад.
И директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, смета дека избувнувањето на пожарите во Македонија не е случајност и оти се работи за хибриден напад на Владата.
– Самозапалувањето не почнува со толку силен интензитет. Вчера, во исто време, имавме два пожара. Еве, да претпоставиме едниот случајно да избил, но два пожара во исто време веќе не верувам дека се случајност – рече Ангелов на завчерашната прес-конференција во Владата.
За случаите постапува и Јавното обвинителство, но досега не се познати резултатите на дејствата што ги спроведува. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека постојат индиции за ваквите изјави.
– Во интерес на истрагата, во овој момент не би можел да споделам повеќе информации – рече тој.
Според него, во однос на пожарот во Трубарево, МВР презема мерки во рамките на истрага за еколошки криминал. На информативен разговор биле повикани четири лица, а дел од нив се под мерки предложени од јавен обвинител.
– Будни сме, присутни сме, МВР ги презема сите потребни дејства. За секој за кого ќе има докази дека учествувал во ваков вид криминал, кој е поврзан со еколошки криминал, ќе следуваат соодветни пријави. Граѓаните заслужуваат безбедна и чиста Македонија во која би живееле, особено од еколошки аспект – изјави Тошковски.
Министерот вели дека истрагата ќе оди „најдлабоко до каде што може да оди“ во однос на тоа кој ја издал дозволата за управување со отпад, дали се почитувале стандардите за работа и дали биле вршени редовни контроли за тоа како се уништува отпадот. Тој ги повика сите институции надлежни за проблемот, особено Министерството за животна средина и инспекторатите, максимално да се вклучат со преземање на сите свои надлежни дејства согласно со закон.
– Да си ја работеле тие работата како што треба, немало да дојде до ова – изјави Тошковски, кој најави детектирање на сите еколошки жаришта во земјата и ги повика инспекторатите, дирекциите и другите институции да излезат на терен, да ги посетат сите депонии, како легални така и диви.
Наспроти тврдењата на премиерот Мицкоски и на директорот на ДЗС, Ангелов, од редовите на најголемата опозициска партија, СДСМ вчера, дојдоа обвинувања дека премиерот правел ПР-драма.
– Наводните хибридни напади се само ПР-драма на премиерот и израз на дилетантизам во водењето на државата. Секогаш кога немаат решенија, некој друг им е виновен. Ниту еден премиер досега не се осмелил вака неосновано да манипулира со теми од безбедносната сфера. Да вовлекува странски центри на моќ, хибридни сценарија, а да не преземе буквално ништо институционално, тоа е не само несериозно туку и крајно опасно – предупреди на денешната конференција за печат партиски лидер Венко Филипче.
Тој додаде дека ако навистина била земјата под хибридни закани, требало да се реагира.
– Ако е така, ако навистина сме под хибридни закани, тогаш прво требаше да биде свикан Советот за безбедност. Потоа требаше да излезат на терен и да дејствуваат АРМ, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, да се извести НАТО… Нема ништо од тоа, затоа што немаат ниту едно решение за проблемите – нагласи Филипче.
Од Кабинетот на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, до затворањето на весникот, не добивме одговор на нашите новинарски прашања околу оцената на состојбата со пожарите и дали се планира свикување седница на Советот за национална безбедност.
Експертот Злате Димовски додава дека за реакција на претседателката се потребни „употребливи информации“.
– Се надевам и очекувам дека институциите од областа на безбедноста ќе обезбедат употребливи информации, кои ќе дадат одредени верзии за настаните и за таквите активности ќе биде информирана и претседателката, која во рамките на своите надлежности ќе даде соодветен придонес кон идентификацијата и фаќањето на сторителите, но најважно е да се идентификуваат и потврдат нивните намери. Доколку се деструктивни со опфат што ја загрозува безбедноста на државата, тогаш би можела да се разгледува состојбата и на ниво на Советот за безбедност. Но, најбитно е службите за безбедност да се анимирани и да работат адекватно на актуелната состојба – потенцира Димовски. (Б. Ѓ.)
Тошковски: Индициите се дека „Вардариште“ е потпалено од мал дел од луѓето што живеат таму
Среде дивата депонија „Вардариште“ живеат 200 луѓе, индициите се дека мал дел од нив потпалуваат, но ние не можеме да го ограничиме правото на пристап на тие луѓе, изјави вчера министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој рече дека е таложен овој проблем со години.
– Овој проблем е таложен со години, не може да го решиме за една недела. Тој простор треба соодветно да се исчисти, тој отпад оттаму да се подигне и да се однесе на друга, соодветна локација за дислоцирање на таков вид отпад, па потоа соодветно да се стави во рамките на онаа надлежност во која треба да биде ставен, а тоа не е надлежност на МВР – изјави Тошковски одговарајќи на новинарски прашања по јавното уништување запленети наркотични дроги и оружје во кругот на фабриката „Макстил“.