Во црквата „Света Софија“ во Охрид настапи ансамблот „Загрепски солисти“, кој приреди прекрасно музичко доживување за слушателите, кои, пак, го наградија со стоечки овации. Вчерашниот концерт во рамките на програмата на класична музика на фестивалот „Охридско лето“, исто како и претходните на репертоарот, ја воодушеви публиката.
Целите седум децении успешна работа на ансамблот во голема мера се должат на огромниот влог на бројните талентирани хрватски музичари што беа дел од овој состав низ годините и оставија силен печат со своите посветеност, дисциплина, ентузијазам и љубов кон камерното музицирање.
-„Загрепски солисти“ не се првпат на „Охридско лето“. Порано настапувавме почесто, потоа не бевме подолго време, но се надевам дека ќе дојдеме повторно за кратко време. За вечерва подготвивме специјален репертоар, кој е многу интересен во смисла на тоа што станува збор за дела што ансамблот често ги изведува. Почнавме со 10. Гудачка симфонија од Феликс Менеделсон, а продолживме со дело што ѝ е посветено на 70-годишнината од постоењето на „Загрепските солисти“, од хрватскиот композитор Фано Параќ. Првиот дел го заокруживме со Симфонија d-moll од Луиџи Бокерини. Во вториот дел од концертот ја изведовме „Сувенири од Фиренца“ од Петар Илич Чајковски, едно од капиталните дела во гудачката литература – рече по завршувањето на концертот Крунослав Мариќ, кој е дел од ансамблот „Загрепски солисти“.
Широкиот репертоар на овој ансамбл вклучува дела од сите епохи, со особена посветеност на пронаоѓањето ретки и неизведувани дела, како и промоција на новите генерации хрватски композитори.
– Секоја година имаме по една праизведба на дела од хрватски композитори, но, исто така, често ги ставаме на нашиот репертоар и делата од хрватските автори. Тоа е една од нашите задачи – појасни Мариќ.
Досега овој ансамбл има одржано преку 4.000 концерти на сите пет континенти, во престижни сали како „Музикферајн“ (Виена), „Концертгебау“ (Амстердам), „Ројал фестивал хол“ (Лондон), салата „Чајковски“ во Москва, „Карнеги хол“ во Њујорк, „Санта Чечилија“ во Рим и др. Гостуваат на најпрестижните музички фестивали во светот како оние во Салцбург, Прага, Единбург, Берлин, Берген, Барселона…, а со нив, како солисти, настапуваат водечките солистички имиња: Хенрик Шеринг, Алфред Брендел, Џулијан Рахлин, Кристијан Ферас, Пјер Фурние, Леонард Роуз, Џејмс Голвеј…
Концертот на „Загрепските солисти“ беше поддржан од Амбасадата на Република Хрватска во земјава.