Загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе добијат спомен-обележје во Стар парк          

23

Посочената локација, во Стар парк на триаголникот помеѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“ за поставување спомен- обележје за загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, од страна на Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“, е поволна. Тоа беше соопштено на јавната трибина што се одржа вчеравечер, во Мултиукултурниот центар во Кочани, на која имаше дебата за иницијативата на Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“.

Трибината ја организираше градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, во согласност со заклучокот на Советот на Општината.  Претседателот на Советот на Општина Кочани, Александар Андов и присутните членови, претставници од советничките групи, отворено ја изразија подготвеноста на следната седница да ја прифатат поднесената иницијатива на Здружението „16 март“, а градоначалникот Грозданов најави итни административни постапки со цел спомен-обележјето да биде завршено до годишнината од смртта на младите во пожарот во „Пулс“.

За да се опфати мислењето на пошироката јавност, претходно, во периодот од 2 до 11 јануари 2026 година, беше спроведена анкета на оваа тема, која содржеше две прашања: дали се согласувате со иницијативата на Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“, т.н. локација Стар парк да биде определена за место на кое ќе се подигне спомен-обележје на загинатите во „Пулс“?, а второто прашање, всушност, претставуваше опис на мислењето во врска со иницијативата.

На анкетата, со помош на дигиталната алатка „М-заедница“, на првото прашање одговориле 260 граѓани, од кои 82 отсто се согласиле со предлогот за одредување локација за спомен-обележјето, а 18 проценти биле против. На второто прашање одговориле вкупно 132 граѓани, од кои 63 отсто ја образложиле согласноста, 19 проценти не дале образложение, 0,05 отсто се изјасниле повторно дека не се согласуваат, а другите не дале јасно образложение.

Јавната трибина беше искористена и за директно анкетирање на учесниците, кои можеа да пополнат анкетен лист со истите прашања. Од 53 учесници во анкетата, сите одговориле дека се согласуваат со предложената локација.

По објаснувањето на идејата и значењето на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“ од Александар Наунов, претседател на Здружението, граѓаните имаа можност на јавната трибина да го кажат своето мислење, да прашаат и да предложат, а градоначалникот Владко Грозданов одговараше на нивните прашања и ја образложи неопходноста од трибината како форма за непосредно учество на граѓаните во донесувањето одлуки и можност за отворено воспоставување различни мислења.

 

ИЗДВОЕНИ