Старите печки, фосилните горива и градскиот сообраќај се меѓу најзначајните причинители на загадувањето на воздухот во Гевгелија. Идните активности се насочени кон енергетски поефикасни решенија и континуирана контрола
Советот на Општина Гевгелија го усвои Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух, изработен согласно со законската регулатива и во соработка со Министерството за животна средина. Документот претставува основа за системско планирање и спроведување конкретни активности за намалување на загадувањето. Во него се анализираат главните извори на емисии, нивното влијание врз здравјето на граѓаните и состојбата со квалитетот на воздухот. За целите, мерките и за очекуваните ефекти од планот, за весникот ВЕЧЕР зборува Милица Аџигогова, општински инспектор за животна средина.
Што претставува овој документ и што е презентирано во него?
– Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух за Општина Гевгелија е плански документ чија изработка произлегува од законската регулатива за квалитетот на амбиентниот воздух и претставува основа за планирање и реализирање активности за подобрување на квалитетот на воздухот.
Во Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух се презентирани постојната состојба со квалитетот на воздухот преку анализа на потеклото на емисиите во воздухот, идентификацијата на главните фактори и извори на загадување на воздухот и влијанието на загадениот воздух врз човековото здравје.
*Која е неговата цел и како ќе се постигне таа?
– Основна цел на Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух за Општина Гевгелија е достигнување на критериумите за квалитетот на воздухот на локално ниво. Целта се достигнува преку преземање активности, и тоа: активно вклучување на единиците на локалната самоуправа во активностите за намалување на загадувањето на воздухот; интегрирање на националните стратегии за намалување на загадувањето во локалните политики; подготовка на локални стратегии за справување со загадувањето на воздухот; дефинирање мерки за намалување на загадувањето, кои ќе се спроведуваат локално, и следење на ефикасноста на спроведените мерки.
Кои се клучните извори на емисиите на загадувачки супстанции во воздухот во Гевгелија?
– Според расположливите податоци и оцената за квалитетот на воздухот во Општина Гевгелија, клучни извори на емисиите на загадувачки супстанции во воздухот, кои, како последица, доведуваат до нарушен квалитет на амбиентниот воздух, се резиденцијалните објекти (домаќинствата) и сообраќајот, по што следуваат производствените деловни субјекти. Поради наведеното, предложените мерки за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух во Општина Гевгелија, главно, се насочени кон намалување на емисиите во воздухот, од овие сектори.
Дали се користени во презентираните цели на Планот податоците од мерната станица во Гевгелија?
– Целите презентирани во Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух за Општина Гевгелија се базирани на проценетиот квалитет на воздухот на локално ниво, при што се користени податоци од мерната станица во состав на Државниот мониторинг-систем за следење на квалитетот на воздухот, која е поставена во Гевгелија во октомври 2020 година.
Податоците од мерната станица во Гевгелија укажуваат дека потенцијална критична загадувачка супстанција во Општина Гевгелија се цврстите честички со големина до 10 микрограми.
Кои фактори најчесто влијаат на емисиите на загадувачки супстанции во воздухот во Општина Гевгелија?
– Квалитетот на амбиентниот воздух, генерално, е резултат на емисиите на загадувачки супстанции што потекнуваат од согорувањето на фосилните горива во секторите индустрија, транспорт, како и користењето на горива за загревање на домаќинствата и на објектите, како и емисиите на загадувачки супстанции од секторите отпад и земјоделство. Секторот отпад претставува еден од значајните загадувачи на амбиентниот воздух. Неадекватните фрлање, складирање и постапување со отпадот продуцираат процеси при кои се емитираат загадувачки супстанции во воздухот.
Кои се главните сектори во Општината на кои се базира изворот на загадувачки материи?
– Одредувањето на клучните сектори на емисија по загадувачка материја е направено со детален преглед на најзначајните сектори на емисија. Имајќи ги предвид најзначајните сектори на емисија и процената на квалитетот на воздухот, дефинирани се мерки за намалување на загадувањето од секој од секторите поединечно и овие мерки се приоритетни за реализација.
На територијата на Општина Гевгелија нема инсталации за производство на енергија поради идентификацијата на изворите на емисијата на загадувачки супстанции во воздухот, кои се базирани на клучните извори на емисија: индустрија, домаќинства, административен и комерцијален сектор, транспорт, отпад и земјоделство.
Какви мерки се предлагаат со овој План за подобрување на квалитетот на воздухот во Општина Гевгелија?
– Во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот за Општина Гевгелија се предложени: мерки за намалување на емисиите од стационарните извори; мерки за намалување на емисиите од сообраќајот; мерки за енергетска ефикасност, заштеда на енергија и обновливи извори на енергија; мерки во земјоделството за правилно управување со земјоделскиот отпад и негова употреба како енергенс; мерки за намалување на емисиите од секторот отпад и мерки за информирање и алармирање во случај на надминување на граничните вредности.
Во иднина, со овие мерки ни се препорачува: замена на старите системи за греење на домаќинствата што користат фосилни горива со високоефикасни печки на пелети или инвертер клима-уреди; субвенционирање на домаќинствата за набавка и поставување сончеви колектори; замена на системите за греење што користат фосилни горива како енергенс во објектите на образовните институции, комерцијалните и административните објекти, со приоритет на објектите што користат мазут и огревно дрво; оптимизирано управување со сообраќајот во центарот на градот; спроведување едукативни кампањи за зголемување на свеста на децата за важноста на животната средина и на квалитетот на воздухот; редовни и зајакнати контроли на инсталациите со А и со Б- еколошки дозволи и субјектите со одобрен елаборат за заштита на животната средина; почитување на забраната за палење оган на отворено, вклучително и палење земјоделски отпад; зголемен надзор врз отворените градилишта за контрола на преземените превентивни и редовни мерки за намалување на емисиите на прашина, како и континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ












