Загадувањето на главниот град – најгорлив проблем, кандидатите со Големи ветувања, граѓаните со уште поголеми очекувања: Можна ли е „генералка“ на Скопје за 72 часа?!

12

Брза и конкретна акција за чистење и обнова на Скопје веднаш по преземањето на функцијата најави кандидатот за градоначалник на главниот град од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски. На промотивниот настан за скопски градоначалник, тој рече дека во првите 72 часа од мандатот ќе започне „генералка“ на Скопје – масовно чистење и мобилизација на јавните претпријатија, невладините организации и на граѓаните. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, вчера порача дека кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ прават гол пи-ар и се фокусираат на празен популизам, а дека социјалдемократите нудат чесни и реални решенија. Во атмосфера на остар политички судир, за граѓаните е важно дали навистина е можно Скопје да добие „генералка“ за само 72 часа, особено по состојбите со депониите изминатиов период и како ќе изгледа следниот четиригодишен период за главниот град

 

 

Скопјани со години живеат со проблемот на загадувањето и со несоодветното управување со отпадот. Дивите депонии, кои растат насекаде во градот, се претворија во сериозна здравствена и еколошка закана, а мирисот и лошата хигиена се секојдневие на жителите. Особено во последниов период, депониите „Вардариште“ и „Дрисла“ се симбол на нерешените еколошки проблеми, предизвикувајќи силна реакција кај јавноста. Граѓаните се жалат дека нивниот град се дави во ѓубре, а проблемите со чистењето и со собирањето на отпадот остануваат нерешени со години. Ова создава чувство на фрустрација и загриженост, додека властите сѐ уште не успеваат да обезбедат долгорочно решение. Во ваква состојба, најавата за брза и интензивна „генералка“ на градот ги буди надежите за вистинска промена.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, најави брза и конкретна акција за чистење и обнова на градот веднаш по преземањето на функцијата, додека од СДСМ упатуваат критики дека кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ прават гол пи-ар и се фокусираат на празен популизам и дека социјалдемократите нудат чесни и реални решенија. Во атмосфера на остар политички судир, за граѓаните е важно дали навистина е можно Скопје да добие „генералка“ за само 72 часа, особено по состојбите со депониите изминатиов период и како ќе изгледа следниот четиригодишен период за главниот град.

Ѓорѓиевски најави решителна акција за чистење и обнова на главниот град веднаш по преземањето на мандатот. На промотивниот настан за скопски градоначалник, тој рече дека во првите 72 часа од мандатот ќе започне „генералка“ на Скопје – масовно чистење и мобилизација на јавните претпријатија, невладините организации и на граѓаните.

– Ќе ги мобилизираме сите јавни претпријатија, компаниите, невладините организации и секој од вас што го сака овој град, да го исчистиме секое ќоше. Да покажеме дека грижата за заедничкиот дом почнува од прагот – рече Ѓорѓиевски.

Тој најави и дека ова ќе биде само почеток на активностите, кои ќе продолжат со реализација на четиригодишната програма „Град без депонии“. Во таа насока ќе се користат и нови технологии, како дронови и дигитален надзор, за да им се стави крај на дивите депонии. Ѓорѓиевски најави воведување екобригади, кои ќе работат 24/7 на одржување на јавната хигиена, како и секојдневно миење на централното градско подрачје и на булеварите.

– Со дронови, дигитален надзор и фабрика за рециклажа, ќе им ставиме крај на дивите депонии. Ќе воведеме и екобригади, кои 24/7 ќе се грижат за јавната хигиена, а централното градско подрачје и булеварите секојдневно ќе се мијат со вода под притисок – истакна тој.

Покрај решавање на проблемите со отпадот, Ѓорѓиевски најави и сериозни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, преку масовно пошумување базирано на научни принципи и создавање нови зелени површини.

– Ќе создадеме нови зелени коридори, четири нови големи парка. Ќе го претвориме „Вардариште“ од депонија во зелена оаза. Ќе создадеме градска шума во Расадник. Ќе подигнеме нов парк кај реката Лепенец и уште еден покрај булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“. Ќе создадеме најмалку 50 мали маалски паркови низ сите населби – рече кандидатот.

Во рамките на програмата „Жив Вардар“, тој најави и заштита и ревитализација на реката Вардар, чистење на коритото и изградба на современ кеј од Ѓорче Петров до Горно Лисиче, со пешачки и со велосипедски патеки. Покрај тоа, најави и воведување интегриран јавен превоз со еколошки автобуси и целосно реновирање на Универзалната сала и на киното „Милениум“.

– Пред нас е нова страница на создавање вредности. Скопје мора да биде град во кој сите ќе живеат убаво. Ова не е само моја патека туку на сите нас. Стојам пред вас, не како политичар, туку како човек што нема да гледа на мандатот како на личен успех, туку како на обврска кон граѓаните – подвлече Орце Ѓорѓиевски.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја поддржа најавата за решителна акција и потенцираше дека градот мора да се ослободи од оставениот хаос и непочитување на одговорноста.

– Скопје денес е загубен во дневната политика, а жртва се граѓаните. Лоцирање одговорност мора да има за упропастениот град и за оставениот хаос. Многу работа, посветеност и вистински луѓе на вистинските места, тоа му е неопходно на Скопје, а Орце е вистинскиот избор – изјави Мицкоски на промотивниот настан.

Од друга страна, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средбите со граѓаните во Струга критикуваше дека ВМРО-ДПМНЕ нуди само ароганција и лаги, додека СДСМ настапува со чесни и компетентни кандидати и реални програми.

– Оваа власт е сè подалечна од народот. Арогантна и самозадоволна, додека семејствата бројат денови до следната плата и ги кратат основните трошоци. Работниците чекаат повисоки плати, а тие се расфрлаат со нивните пари. Додека платите стагнираа, инфлацијата го јаде секој заработен денар – рече Филипче.

Тој додаде дека СДСМ нуди реална алтернатива преку чесна понуда, остварливи програми и компетентни луѓе со интегритет.

– СДСМ оди на овие избори со чесна понуда, остварливи програми и со компетентни луѓе со интегритет. Граѓаните ќе избираат помеѓу докажани луѓе во општините што ги предлага СДСМ и гол пи-ар на ВМРО-ДПМНЕ без никакви резултати“ – посочи Филипче.

И кандидатката за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, во својата кампања акцентира на важноста од чиста, зелена и безбедна средина за граѓаните. Таа смета дека „Скопје може и мора да биде град за луѓето – чист, зелен, безбеден и со регулиран транспорт“. Шукова најави конкретни мерки за подобрување на квалитетот на животот во Скопје, како воведување нов концепт за управување со отпадот, со дигитални решенија за мониторинг на состојбата на контејнерите.

Изборната комисија на Град Скопје информира дека се поднесени 17 кандидатури за градоначалник, од кои 8 се потврдени, 8 непотврдени, а една е одбиена поради ненавремено поднесување. За Советот на Градот се поднесени 20 листи, од кои 5 се потврдени.

 

ИЗДВОЕНИ