Депонијата „Дрисла“ изутринава и натаму чади сè уште но со помал интензитет од претходно, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, за состојбата со пожарот на скопската депонија, кој избувна пред неколку дена. Граѓаните кои живеат во Аеродорм и Лисиче објавуваат слики на кои се гледа дека овој дел од Градот изутринава беше под магла, воздухот смрдел, а некои од жителите почувствувале печење на очите и носот.
-Во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на депонијата „Дрисла“ од кој имаше чадење. Денес затрупувањето продолжува со засилено темпо бидејќи вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка“, вели Ангелов и тврди дека пожарот на дивата депонија Вардариште е целосно изгаснат и од неа нема никакво чадење.
Во однос на загадувањето на воздухот, директорот на ДЗС упати да се погледнат мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање. А мерните станици во скопско Лисиче покажуваат неколкукратно зголемено присуство на ПМ 2,5 честичките, а слична е концентрацијата и на ПМ10.
Во меѓувреме, Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека пред два дена бил извршен вонреден инспекциски надзор на депонијата Дрисла и дека е изготвен извештај за состојбата кој е доставен до Министерството. Надзорот бил извршен по пријава од полициската станица Гази Баба.
– Државниот Инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор поради пожар кој избувна на поранешната депонија за комунален отпад „Дрисла“, по пријава од Полициската станица Гази Баба. На лице место се врши гаснење на опожарениот дел со сопствена механизација и средства на ЈП „Дрисла“, како и со повеќе противпожарни возила и возила на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Инспекцискиот надзор го извршија овластени инспектори од СВР Скопје ЕЕКК, а присутни беа и директорот на ЈП „Дрисла“, надлежно лице за животна средина и други вработени во јавната установа. Во согласност со А-ИСКЗ дозволата која ја поседува ЈП „Дрисла“, е изготвен извештај испратен по е-пошта до МЖСПП и ДИЖС во врска со настанот. Од надзорот е изготвен записник за констатирање, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина. ЈП „Дрисла“ достави и извештај од мониторинг станицата за квалитет на воздухот. Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот, стои во објавата на МЖС
Ангелов вчера кажа дека „Вардариште“ ја обезбедуваат припадници на една агенција за обезбедување. Вчера беше донесена и забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“, како итна мерка во насока на справување со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба.