Заедно со учениците во наставата влегува и вештачката интелигенција!

81

Среќна нова учебна година за 245 илјади основци и средношколци

Со учебници за сите, подобрени инфраструктурни услови, вештачка интелигенција во наставата и поголема инклузивност започнува новата учебна година 2025 – 2026 година. „Вештачката интелигенција влегува во наставата. Со задоволство споделувам дека е изготвен сеопфатен прирачник за едукација и на наставници и на ученици, со јасни инструкции за етичка и ефикасна примена на новите технолошки алатки за образовни цели“, рече министерката за образование, Весна Јаневска, и најави и обуки за наставниците, кои ќе следуваат на самиот почеток на учебната година. За успешен училиштен старт и за нормално одвивање на наставата за 245 илјади ученици, односно 177.800 основци и 67.200 средношколци, е сè подготвено.

 

Денеска започнува новата учебна година. За некои тоа ќе биде прва средба со училиштето, додека за некои тоа ќе биде предизвик, бидејќи ќе преминат во погорните одделенија. За успешен училиштен старт и за нормално одвивање на наставата е сè подготвено, велат од Министерството за образование, од каде информираат дека учебната година ја започнуваат 245 илјади ученици, односно 177.800 основци и 67.200 средношколци.

Министерката Весна Јаневска истакна дека се обезбедени учебници за сите ученици, а прв пат по седум години ќе има и учебници по странските јазици. Во повеќе училишта, условите за настава се значително подобрени, а инклузијата е подигната со ангажирање на зголемен број образовни асистенти во основното, но и прв пат во средното образование. Учениците ќе се запознаваат со придобивките од вештачката интелигенција и ќе учат етички да ја користат за образовни цели.

– Втора учебна година по ред започнува со учебници за сите ученици. Целосно нови учебници има за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиите, поради примената на нови наставни програми и најавувам дека овој процес на обнова на наставните содржини ќе има континуитет. Првпат по седум години, учениците ќе добијат и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански јазик, рече Јаневска, нагласувајќи дека сите се испечатени и преку 90% од тиражот е веќе испорачан.

Министерката нагласи дека со нов Закон за учебници во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, меѓу кои и сите издавачки куќи во Македонија, системски е решен предизвикот со учебниците кој се провлекуваше со години. Веќе нема предмети во основното образование без учебници, нема користење на учебници без склучени договори и регулирани авторски права и нема доцнење на испораката со месеци.

Направени се и крупни инвестиции за подобрување на образовната инфраструктура. Во период од една година е отпочнат инвестициски циклус од 67 милиони евра. Дел од градежните проекти се завршени, а дел се во фаза на реализација. Јаневска рече дека започнува примената на нов електронски дневник, кој има значително подобри перформанси од претходниот и наставниците ќе можат да се најават и да пополнуваат податоци во секој момент.

– Вештачката интелигенција влегува во наставата. Со задоволство споделувам дека е изготвен сеопфатен прирачник за едукација и на наставници и на ученици, со јасни инструкции за етичка и ефикасна примена на новите технолошки алатки за образовни цели, рече министерката и најави и обуки за наставниците, кои ќе следуваат на самиот почеток на учебната година.

Значително се подигнува и инклузивноста на образовниот систем. Освен 1,346 образовни асистенти во основните училишта, првпат, образовна асистенција ќе добијат и средношколците со посебни образовни потреби, а ним ќе им помагаат 130 образовни асистенти. Првпат е воведено и формално образование за децата на долготрајно болничко лекување и тие веќе нема да губат настава. Зависно од нивната состојба ќе можат да се вклучуваат онлајн во својот клас или, пак, наставникот индивидуално ќе работи со нив.

– Верувам во квалитетите на наставниците и очекувам мотивирани да ја започнат новата учебна година, во која секако, ќе имаат и ново зголемување на платите, онака како што се договоривме пред 1 година, од 7,5% до 10% во зависност од степенот на инфлацијата, за да имаме реален пораст без манипулации како што тоа го правеа претходните структури, додаде Јаневска.

Во новата учебна година е обезбедена и поголема поддршка за талентираните ученици, односно целосно покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади. А за сите ученици е овозможено професионално, односно кариерно насочување.

И градоначалниците информираа дека се подготвени за почетокот на новата учебна 2025/2026 година. Во најголем број општини училиштата се дезинфицирани и реновирани, некои опремени со нова опрема, а дел од нив обезбедија бесплатни ранци, училиштен прибор или униформи.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ