Со манифестацијата, која ја организираше во саботата, во кафе-барот „Собрание“, јавното претпријатие „Лајка“ ја одбележа петгодишнината од основањето.
Во рамките на оваа манифестација, имаше изложба на кучиња што бараат дом, натпреварувачка изложба на миленици, како и цртежи на учениците од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ и од ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ и креативна работилница. Имаше и избор на најсмешна фотографија.
Од манифестацијата беше испратена и порака за тоа дека задомувањето е единственото хумано решение за проблемот со бездомните кучиња. Проблемот, беше речено, е системски и бара заеднички одговор на сите надлежни институции.
-Досега покажавме дека знаеме да работиме одговорно и транспарентно, за што сведочат и бројките. Работиме со интегритет и хумано. Посветени сме на хуманиот метод залови, стерилизирај и врати, посветени сме на задомувањето како најдобра завршница во решавањето на комуналниот проблем со бездомните кучиња. Во овие три години колку што сум јас во „Лајка“, успеавме да заловиме над 3.200 кучиња, но и да задомиме една третина од нив или 1.100 кучиња – истакна во своето обраќање директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева.
Таа додаде дека во периодот во кој раководи со претпријатието, ЈП „Лајка“ прераснало во системски двигател на хуманата грижа за бездомните кучиња во Скопје
Таа нагласи дека со ограничени ресурси, но со јасна визија, „Лајка“ изградила препознатлива практика, третман со грижа задомување како крајна цел.
Според Пешева, ЈП „Лајка“ покажало дека е пример за јавна институција што работи со срце и оти е видливо тоа и низ бројки.
Таа информираше дека во „Лајка“ електронски се евидентира секое куче, со следење од влез до задомување и оти има волонтерска програма со формализирана обука и вклучување граѓани.
– Воспоставени се соработка со училиштата и со општините, стабилен обем на работа и покрај блокадата на сметката и само четири општински партнери. Ова градско јавно претпријатие има најуспешна финансиска година со 13,2 милиони денари нето-добивка, намалени адвокатски и административни трошоци, соработка со градоначалниците, со државните институции и со меѓународните организации, како ENPA, најстарата организација за заштита на животни во светот – наведе Пешева.
Таа нагласи дека ќе продолжат да работат со многу поголемо искуство и со поголема волја.
– Ги користиме сите ресурси, и човечки и финансиски, со кои располагаме, а имаме и поддршка од волонтерите во Скопје и во цела Македонија. Сепак, проблемот е упорен. Тој е системски, повеќеслоен и се надеваме дека институциите што треба да дадат поддршка за да го решиме, ќе дадат уште поголем придонес и дека, конечно, ќе имаме еден одговорен чекор во неговото хумано решавање, а резултатите ќе бидат сè повидливи – смета Пешева.
Од ЈП „Лајка“ нагласуваат дека задомувањето не е само хуман туку и општествен, комунален, едукативен и превентивен процес.
– Секое задомено куче значи едно животно помалку на улица, помалку ризици за граѓаните и почиста, побезбедна и похумана урбана средина. Задомувањето претставува суштински дел од решението за прекубројноста на бездомните кучиња – дел што директно го поврзува човекот со заедницата и со сопствената одговорност кон неа – порачаа од ЈП „Лајка“, на одбележувањето на петгодишнината од формирањето.