Зад кулисите на парадата, која заедно со кинескиот претседател Шји Џинпинг ја следеа повеќе од 20 државници, а почесни гости беа рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот Ким Џонг Ун, се случија зближување, заладување на односите, како и нешта видени првпат. Топло-ладните односи меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот Владимир Путин се придвижија кон ладно, а во маѓепсаниот круг на двете светски сили сега влегоа Кина и Северна Кореја. Путин и Ким имаа дво и полчасовна средба, по која медиумите „фатија“ интересен момент: кружат снимки на кои се гледа како севернокорејскиот персонал темелно ги отстранува сите траги од присуството на Ким во собата – се трга чашата од која пиел, се брише столот на кој седел, се чисти целиот мебел што го допрел
Воената парада што се одржа во вторникот, во Пекинг, не покажа само каква воена сила е Кина и колку напредувала во опремувањето со најубиствените оружја туку отвори и нови перспективи во меѓународните односи.
Зад кулисите на парадата, која заедно со кинескиот претседател Шји Џинпинг ја следеа повеќе од 20 државници, се случија зближување, заладување, како и нешта видени првпат. Топло-ладните односи меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот Владимир Путин се придвижија кон ладно, а во маѓепсаниот круг на двете светски сили сега влегоа Кина и Северна Кореја. Додека почнуваше воената парада во Пекинг, Трамп напиша на социјалната мрежа „Трут соушл“: „Претседателот Си и прекрасниот народ на Кина нека имаат голем и траен ден на прослава. Испратете ги моите топли поздрави до Владимир Путин и до Ким Џонг Ун додека кроите заговор против Соединетите Американски Држави“. Рускиот одговор не дојде од Путин, туку од неговиот помошник, Јуриј Ушаков.
– Сакам да кажам дека не се организирани никакви заговори, никој не прави никакви заговори, воопшто нема заговори, а, згора на тоа, ниту еден од овие тројца лидери не помислил на такво нешто. Можам да кажам дека сите ја разбираат улогата што ја играат Соединетите Американски Држави, сегашната администрација на претседателот Трамп и самиот претседател Трамп во денешната меѓународна динамика – рече тој.
Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му беа почесни гости и на Шји. Ова беше првпат тројцата лидери да бидат видени заедно во јавност, а нивната фотографија како одат кон парадата Би-би-си ја нарече фотографија што ќе ја запамети светот. Ким приреди изненадување, прво со придружбата, а потоа и со поздравувањето со гостите. Светските агенции пренесоа фотографии со него и неговата ќерка тинејџерка, за која ова беше прво јавно патување во странство. Тоа дополнително ги поттикна шпекулациите дека таа би можела да биде негов наследник во династичкото владеење на семејството. Но, нејзиниот идентитет и понатаму е мистерија. Северна Кореја никогаш не откри колку години има и како се вика, а јужнокорејските разузнавачки служби веруваат дека таа навистина е негова ќерка и дека била идентификувана како Џу Ае од поранешниот американски кошаркар Денис Родман, кој во 2013 година го посетил семејството Ким и рекол дека ја држел во раце кога била бебе. Ким го привлече вниманието на јавноста и пред парадата, кога се ракуваше со претседателот на јужнокорејското национално собрание, Ву Вон Шик. Оваа информација беше објавена од новинската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на канцеларијата на Ву.
Настанот беше повод и за блиска средба меѓу Путин и Ким, кој ѝ помага на Русија со испраќање јужнокорејски војници во војната со Украина. Зад затворени врати, разговараа два и пол часа, при што Путин му се заблагодарил на Ким за храброста на неговите војници во борбата против украинските сили, а Ким му рекол дека е подготвен да направи „сè што може за да ѝ помогне“ на Русија. Исто така, Путин го покани Ким во Москва, а тој прифати. Додека содржината на разговорите останува непозната, некои медиуми „фатија“ интересен момент по излегувањето на лидерите од просторијата. Според нивните извештаи, севернокорејскиот персонал веднаш темелно ги отстранил сите траги од присуството на Ким во собата. Ја тргнале чашата од која пиел, го избришале столот и го исчистиле целиот мебел што го допрел. Снимките од тоа веќе циркулираат на социјалните мрежи. Опсесивната загриженост за безбедноста на Ким Џонг Ун не е ништо ново. Познато е дека тој носи свој преносен тоалет на патувањата за да спречи некој да го собере неговиот биолошки материјал и да добие здравствени податоци од него, нешто за што еднаш објавија јужнокорејските медиуми и „Вашингтон пост“. Во текот на самитот со Доналд Трамп во Сингапур, во 2018 година, камерите на „Ројтерс“ го фатија неговиот помошник како го брише и проверува пенкалото пред да го добие тој. Ваквите потези укажуваат на стравувањата дека дури и навидум обични предмети, како чаша и стол, би можеле да откријат информации што режимот сака строго да ги чува, како што е ДНК на Ким. Слични приказни се шират и за Путин.
А на парадата Кина покажа оружје од кое се плаши Западот: интерконтинентални балистички проектили (ИЦБМ), борбени тенкови, лансери за ракети, а публиката особено се воодушеви кога беше претставен огромниот ИЦБМ ДФ-5Ц, двостепена нуклеарна ракета со голем дострел и со можност да носи 12 боеви глави. Од претставеното вооружување, внимание привлече и ласерското оружје ЛЅ-1, поставено на врвот на оклопен камион со осум тркала. Се вели дека ова ласерско оружје е многу моќно и може целосно да ја онеспособи секоја електроника, па дури и да го заслепи пилотот. Но, публиката на парадата беше воодушевена и од војниците, кои маршираа совршено синхронизирано, и од пуштените бели гулаби.