Забранет е увоз на тутун додека трае откупот

9

Додека трае откупот на домашната реколта тутун, нема да се увезува тутун од странство. Ова е една од клучните измени во Законот за тутун што поминаа во Собранието и веќе од 29 јули, со објавувањето во „Службен весник“, се на сила. Сојузот на земјоделски здруженија е задоволен од законските измени и смета дека вака се штити домашното производство.

– Со ова, прво, го заштитуваме нашето, домашно производство на тутун. Значи, од 16 ноември, па до 28 февруари наредната година, додека трае откупот, да не може да се купи, да се увезе ниту еден килограм тутун. Тоа ни беше најбитно и имавме голема помош од Министерството и од министерот за земјоделство – вели Кире Ристески, претседател на Сојузот.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство прецизираат дека уште во февруари се донело решение дека се неопходни законски измени за да се подобрат прометот и откупот на тутун и за да се поддржи одржливото производство.

– Измените на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се однесуваат на: подобрувањето на откупот, прометот и контролата на тутунот; забраната за увоз на необработен тутун, тутун сушен на сонце (sun – cured) во текот на периодот на откуп на тутун од домашно производство; обврската на откупувачите на тутун за водење евиденции за откупените, увезените и обработените количини тутун и внесување на податоците во информативниот систем за евиденција на тутунското производство; подобрувањето на условите за обработка на откупениот тутун за откупувачите на тутун – велат од Министерството за земјоделство.

Работна група со претставници од Министерството за земјоделство, од Сојузот, откупувачите, Министерството за здравство, од Стопанската комора и Царината ги изготвуваше измените.

– Со измените ќе се прецизира поимот за промет на тутун (промет на необработен тутун, во смисла на овој Закон, е увоз на необработен тутун наменет за обработка). Се уредува информативниот систем за евиденција на тутун ИСЕТ, ќе се подобри откупот на тутунот и, покрај со евидентирани податоци за договорените и откупените количини тутун, да се внесуваат и податоци за увезените количини необработен тутун, ќе се подобрат прометот и контролата на тутун и ќе се подобрат условите за просториите и опремата за сместување и обработка на тутунот заради подобрување на откупот и на обработката на тутунот од откупувачите – прецизираат од Министерството за земјоделство.

Забраната за увоз на ароматичен тутун додека трае откупот, како и можноста, освен досегашните четири откупни компании, сите да може да го преработуваат и да го извезуваат откупениот тутун, е донесена по брза постапка за да може да се применува веќе од годинашнава откупна кампања. Другите законски измени ќе одат во редовна постапка и од Сојузот се надеваат дека ќе бидат донесени до крајот на годинава.

– Другите измени во Законот за тутун ќе одат во редовна постапка, меѓу другото, и зголемувањето на ингеренциите на Сојузот на земјоделските здруженија. Со тие измени ќе бидеме целосно рамноправни партнери во договарањето со откупувачите, во поглед на договорите за реколтата, цените, за текот на откупот, како и за полагањето лиценци за повереници при откупот на тутунот. Мислам дека ќе се донесат тие измени во редовна постапка, до крајот на оваа година – вели претседателот на Сојузот, Ристески.

ИЗДВОЕНИ