Забрана за риболов на сите видови риба во Мавровското Езеро и во реката Радика и нејзините притоки

43

Националниот парк „Маврово“ донесе одлука  за завршување на сезоната на риболов во водите на подрачјето на паркот, вклучувајќи ги Мавровско Езеро, реката Радика и нејзините притоки, за сезоната 2024/2025 година.

– Во исто време, со одлуката се воведува забрана за риболов, која стапи во сила на 1 ноември и ќе трае до 31 јануари следната година. Се однесува на сите видови риба, на водните ресурси на подрачјето на паркот. Овој период е наменет за заштита и обновување на рибниот фонд, со цел зачувување на природната рамнотежа и обезбедување одржлив развој на спортскиот риболов во наредните сезони – изјави директорот на НП „Маврово“, Харис Ибраими.

Тој додаде дека новата сезона за спортски риболов ќе започне на 1 февруари 2026 година.

– Им се заблагодаруваме на сите спортски риболовци за разбирањето и за придржувањето кон оваа одлука, со што заеднички придонесуваме за заштита на природното богатство на Националниот парк „Маврово“ – посочи тој.

Благодарение на грижата за заштита и збогатување на рибниот фонд, на бреговите на Мавровското Езеро и реката Радика сè побројни се домашните спортски риболовци, но и оние од соседните земји, во летниот период, а особено во текот на викендите и во празничните денови.

 

 

ИЗДВОЕНИ