Заради овозможување непречен природен мрест на рибите и зачувување на рибниот фонд, на Дебарското Езеро е во тек забрана за риболов на крап и на црна мрена.

– Во согласност со одлуката на Федерацијата на рибари, на нашето езеро во тек е забраната за риболов, и тоа на крап, која ќе трае до 30. овој месец, до кога трае и забраната на риболов на црна мрена, која е воведена на 15. минатиот месец – изјавија од спортското риболовно друштво „Трофта“ (пастрмка).

Оттаму посочуваат дека забраната за вршење рекреативен риболов во риболовните води е секоја година во овој период, заради непречен природен мрест на овој вид риба.

– Нашата рибочуварска служба постојано е во обиколка на езерото. Наша цел, како концесионер, е да го заштитиме рибниот фонд на езерото, кое порано беше познато по богатиот и разновиден рибен фонд, кој, за жал, беше опустошен во изминатите години – посочуваат од друштвото.

Во овој период, дозволен е риболов на плашица и на пастрмка. Претходно, од први до 31 мај, имаше забрана за риболов на клен, како и на бојник од 15 април до 15 мај.

Дебарското Езеро беше без концесионер повеќе години, а на доброволна основа, за заштита на рибниот фонд се грижеше друштвото „Трофта“, во соработка со дебарското Одделение за внатрешни работи, со кое имаат одлична соработка.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во февруари годинава му ја додели концесијата на СРД „Трофта“, и тоа само за рекреативен риболов, за што, всушност, се залагаше друштвото. Тоа значи дека во период од 12 години е забранет стопанскиот риболов на езерото.

 

ИЗДВОЕНИ