На едно четиричлено семејство што живее во Скопје месечно му се потребни 121.122 денари (1.970 евра), односно едно лице месечно прави трошоци од 35.237 денари (573 евра). Вакви податоци исфрли „Нумбео“, најголемата база на податоци за трошоците за живот во светот, за септември. Пред шест месеци, „Нумбео“ пресмета дека во март годинава на едно четиричлено семејство му биле потребни 111.341 денар (1.800 евра), а на едно лице – 32.640 денари (530 евра). Ова покажува дека цените на производите според кои ги прави „Нумбео“ пресметките се зголемиле и за само половина година буџетот за преживување на едно семејство во Скопје (двајца родители и две деца) пораснал за 9.781 денар (160 евра).
Ако ги видиме податоците за месечните трошоци што ги објави Сојузот на синдикати на Македонија, според неговите пресметки, минималната синдикална кошничка за август годинава, за четиричлено семејство, изнесувала 65.507 денари и била за 55.600 денари помалку од пресметките на „Нумбео“
Четиричлено семејство во македонскиот главен град што живее во сопствен стан, односно не плаќа кирија, месечно прави трошоци од 121.122 денари (1.970 евра), а, пак, на едно лице што живее само во сопствен стан му се потребни 35.237 денари (573 евра). Вакви податоци за септември исфрли „Нумбео“, најголемата база на податоци за трошоците на живот во светот. Пред шест месеци, „Нумбео“ пресмета дека во март годинава на четиричлено семејство му биле потребни 111.341 денар (1.800 евра), односно едно лице месечно правело трошоци од 32.640 денари (530 евра). Ова покажува дека цените на производите според кои ги прави „Нумбео“ пресметките се зголемиле и за само половина година буџетот за преживување на едно семејство во Скопје (двајца родители и две деца) пораснал за 9.781 денар (160 евра).
Од „Нумбео“ ги пресметале трошоците врз основа на цените на прехранбените и на непрехранбените производи во маркетите, на храната во рестораните, транспортните трошоци, облеката и обувките, купувањето и изнајмувањето станови, како и месечните примања.
Според „Нумбео“, во маркетите во Скопје, литар свежо млеко чини, во просек, 70 денари, векна свеж бел леб од 500 грама – 43 денари, килограм бело сирење – 490 денари и е за 30 денари поскапо од пред шест месеци. Ако пред половина година чинел 87 денари, килограм ориз сега е поскап и е 95 денари. Табла со 12 јајца и натаму чини 120 денари, односно 10 денари парче. Килограм јунешко, според пресметките на „Нумбео“, сега чини 750 денари (во март, во просек, чинеше 660 денари), а пилешките филети, кои пред шест месеци можеа да се купат по 390 денари за килограм, сега чинат 425 денари. Доматите што ги има по бавчите и нивите сега имаат цена од 115 денари, а во март, кога ги купувавме од пластеници, беа поевтини и чинеа 104 денари. Нема промена на цената на бананите – и натаму чинат 75 денари. Сега, за 2,5 денари е поскапо едно парче зелена салата и чини 37,5 денари. Поскапено е и виното во шише, кое сега чини, во просек, 400 денари, а беше 350 денари, а пакување цигари („марлборо“) во маркетите во Скопје чини 170 денари и тоа е само мало зголемување од само пет денари во однос на март.
Од „Нумбео“ посочуваат дека храната во скопските ресторани е изгор скапа – ручек за двајца во среднорангиран ресторан чини дури 1.600 денари, доколку се нарача пиво (од домашен производител), тоа чини 150, а ако е увозно, тогаш е поскапо и чини 180 денари. Капучино нарачано во ресторан чини 120 денари, а, пак, мала „кока-кола“ – 105 денари.
Оттаму нагласуваат дека билет за возење со градски автобус во Скопје чини 40 денари или месечната карта чини 1.500 денари, а ако се користи такси-превозот, стартот чини 50 денари, а секој изминат километар – 30 денари плус. За разлика од март, такси-превозот е малку поевтин, за 10, односно за пет денари.
Што се однесува до облеката, пресметките покажуваат дека има драстичен скок на цените. Ако во март за купување еден пар фармерки требаше да се издвојат 3.800 денари, сега се потребни 4.500 денари, пар патики („најк“) чинат 5.550 денари и се за 600 денари поскапи, а еден пар кожени чевли, кој во март можеше да се купи за 5.800 денари, сега чини 6.100 денари.
Исто така, има покачување и кај кириите. Од „Нумбео“ посочуваат дека кириите за изнајмување еднособен стан во центарот на Скопје се 22.860 денари (околу 370 евра), пред половина година беа 18.000 денари (300 евра), додека на подалечна локација се 16.700 денари, а беа 14.000 денари. За трисобен стан во центарот, треба да се платат 34.500 денари (560 евра) за кирија, а беа 500 евра. Цените на становите, пак, се различни и во зависност од локацијата, се движат од 2.000, па сè до 2.500 евра за еден станбен квадрат во центарот на Скопје. Надвор од центарот на Скопје, цените се движат од 1.300 до 1.790 евра. Во просек, квадрат станбена површина во септември чини 2.200 евра.
Што се однесува до просечните месечни примања, според пресметките на „Нумбео“, тие во септември изнесуваат 42.535 денари (690 евра), а во март годинава беа 38.962 денари (630 евра).
Ако ги видиме податоците за месечните трошоци што ги објави Сојузот на синдикати на Македонија, според неговите пресметки, минималната синдикална кошничка за август годинава, за четиричлено семејство, изнесувала 65.507 денари и била за 55.600 денари помалку од пресметките на „Нумбео“. Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка, едно четиричлено семејство треба да одвои 24.064 денари или 36,7 отсто за храна и за пијалаци, за облека и обувки 5.597 денари или 8,5 отсто, за станарина, вода, електрична енергија и за греење 6.096 денари или 9,3 отсто. За лична хигиена и за одржување на хигиената во домот треба да се одвојат 2.544 денари или 3,9 отсто, за здравје 1.185 денари или 1,8 отсто, за транспорт – 4.684 денари или 7,2 отсто.
За јадење во ресторани, пресметките се дека се потребни 4.131 денар, што е 6,3 отсто, а за други стоки и услуги – 1.100 денари или 1,7 отсто.
Државниот завод за статистика, пак, направи свои пресметки за август 2025 година. Според нив, има зголемувањето на трошоците за живот во однос на јули во следните групи: храна и безалкохолни пијалаци за 0,6 %; алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,1 %; мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,7 %; домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,5 %; ресторани и хотели за 2,1 % и рекреација и култура за 0,3 %.
Во август 2025 година, во однос на јули 2025 година, намалување на трошоците за живот е забележано во следниве групи: транспорт за 3,1 %; облека и обувки за 0,6 %; здравје и образование за 0,1 %.
(С. Бл.)