Пратениците од власта и од опозицијата продолжија со меѓусебните обвинувања околу предложениот ребаланс на буџетот. За пратениците од власта, предложениот ребаланс е одлично скроен и ја отсликува стабилната и одговорна економска политика на Владата, со повеќе средства за плати, пензии и за капитални инвестиции, додека од опозицијата е оценет како „антинароден и расипнички“ и е обид да се прикријат пропустите со јавните финансии.

Пратеникот Бојан Стојаноски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ребалансот на буџетот е внимателно и стратешки изработен, со фокус на зголемувањето на финансиската поддршка за клучните сектори како што се пензионерите, младите и локалната инфраструктура. Според Стојаноски, оваа финансиска рамка е пример за добар пристап и треба да се изучува како пример на успешен ребаланс, кој е транспарентен и без искривени перцепции.

– Ако ги видите позициите на буџетот, најголемо зголемување има токму во тоа Министерство. Покрај тоа што им дадовме по 5.000 денари на сите 338 илјади пензионери, предвидовме повеќе средства за од септември повторно да им ја покачиме пензијата. Повторно ќе добијат покачување на своите пензии, што значи дека за помалку од година и пол пензионерите ќе добијат три пати покачување на своите пензии – рече Стојаноски и потенцира дека министерката за финансии направила перфектен ребаланс, кој, како што вели, треба да се изучува и на факултетите.

Неговата колешка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Моника Трајанова, истакна дека социјалната политика и граѓаните остануваат во фокусот на финансиските политики и со овој ребаланс. Таа нагласи дека дополнителни 250 милиони денари плус се обезбедени за изградба и за опремување на нови детски градинки.

– Програмата 3 – „Детска заштита“ добива финансиска инјекција, што претставува зголемување за 17 %, а во ставката „други градежни објекти“ имаме зголемување од фантастични 1.570 %. Овие средства ќе значат зголемени капацитети во градинките, подобри услови  и помалку чекање за секое дете и за секој родител. Ребалансот одвојува 505 милиони денари за деинституционализација, со што се финансираат отворањето нови дневни центри, рехабилитациските услуги и поддршката на заедницата – истакна таа.

Видувањето, пак, на пратениците од опозицијата е поинакво. Пратеникот од редовите на опозицискиот СДСМ, Љупчо Николовски, го оцени предлог-ребалансот на буџетот како „антинароден и расипнички“, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците.

– Во најголемиот буџет, власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра, за владиниот луксуз – изјави Николовски.

Тој посочи дека во време кога се соочуваат земјоделците со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и за работна рака, власта им го врти грбот. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кои бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство.

Меѓу другото, се предлага враќање на поддршката од 12.000 денари за грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколтата 2024; интервентна субвенција од 8 денари за килограм сончоглед; поддршка од 5 денари за килограм предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупните капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне; итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.

Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ оцени дека предложениот ребаланс на буџетот претставува обид на власта да ги прикрие сериозните пропусти во управувањето со јавните финансии и непланираните расходи, што, според него, отвора пат за дополнително задолжување и загрозување на економската стабилност.

– Ваквата политика ќе го отежни економското функционирање на граѓаните и на бизнисите – рече Спасовски и потенцира дека со ребалансот се прави буџет во кој ќе има ново задолжување од 500 милиони евра до крајот на годината, со што ќе се пробие критичната граница од 60 проценти јавен долг во однос на БДП, доведувајќи ја во ризик иднината на државата и на граѓаните.

Од Фискалниот совет се произнесоа дека дополнителното задолжување не би ги поткопало фискалната стабилност и одржливоста на јавниот долг. Оттаму сметаат дека до крајот на годината клучна ќе биде реализацијата на буџетските приходи за да може да се одржи буџетскиот дефицит во проектираните рамки.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ