Состојбата со економијата во државата е повторно тема на препукување меѓу опозицијата и власта – секоја гледа со различен диоптер. Додека СДСМ обвинува дека сите економски показатели покажуваат назадување, власта посочува дека со крупни чекори одиме напред.

Пратеничката од редовите на СДСМ и ексминистерка за животна средина, Каја Шукова, вели дека ВМРО- ДПМНЕ ја уништила довербата на инвеститорите, затоа што се намалени странските инвестиции за 261 милион евра.

– Последните податоци на Народната банка се поразителни и ја демантираат власта, која упорно сака да нè убеди дека државата се движи напред. Во однос на последниот квартал од 2024 година, странските директни инвестиции се намалени за 261,7 милиони евра – од 397,5 на 135,8 милиони евра. Во споредба со тој квартал лани, падот е 191,4 милиони евра – истакна таа.

Според неа, странските компании инвестираат таму каде што има стабилност, јасни правила, економска визија и владеење на правото.

– Реалната слика е спротивна од очекувањата на инвеститорите: Влада без капацитет, нестабилна економска политика, замрзната европска агенда, партиски популизам и нефункционална дипломатија. БДП расте само на хартија, додека граѓаните осиромашуваат. Македонија е меѓу трите најслаби економии во Европа по растот на продуктивноста и на индустриското производство – потенцира Шукова.

Според неа, за 20 % е намалена куповната моќ на граѓаните, платите не растат, а цените секојдневно одат нагоре.

– Македонија е претпоследна во Европа по минимална плата, само Албанија има пониска минимална плата од Македонија. Седумдесет проценти од вработените во Македонија живеат со плата под 500 евра. Средната класа исчезнува, а младите заминуваат бидејќи нема перспектива. ВМРО-ДПМНЕ ја турка Македонија назад – рече Шукова.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ експресно ѝ одговорија на Шукова, потсетувајќи ја на состојбата со економијата во текот на владеењето на претходната Влада, предводена од СДСМ.

– Апсурд е од СДС денес да зборуваат за економија, бидејќи тие се истите кои го уништија животниот стандард, кои ја донесоа инфлацијата над 20 %, кои го задолжија народот – јавниот долг во нивно време беше 65 % од БДП. Лицемерно е СДС да зборува за инвестиции и за економија кога во негово време државата дојде на работ на банкрот, платите доцнеа или не се исплаќаа со месеци, за разлика од денес, кога платите се добиваат навреме, а Македонија е четврта економија во Европа. Денес имаме рекордни странски директни инвестиции од 1,2 милијарди евра. Се градат автопатишта, општините и бизнисите имаат поддршка над 500 милиони евра, се отвораат нови фабрики и нови работни места. Истовремено, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми пензиите за 5.000 денари, зголемени плати во образованието, здравството, МВР. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи домаќински и континуирано работи на привлекување странски инвестиции, отворање нови работни места и за подобар животен стандард на граѓаните – нагласија од ВМРО-ДПМНЕ.

Муцунски се пофали со раст на извозот од 23,44 проценти во мај

Македонскиот извоз во мај 2025 има зголемување од 23,44 %, додека за првите пет месеци од годинава порастот изнесува 3,15 %. Во тој период, увозот е зголемен за само 1 %, што упатува на стабилен трговски биланс и на позитивно салдо, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

– Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз, што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи – напиша Муцунски на социјалните мрежи.

Податоците, според Муцунски, го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата и дека „дури и во услови на стагнација на европскиот пазар, државата има стабилни и позитивни трендови во извозот“.

 

ИЗДВОЕНИ