Во собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжи расправата за предлог-буџетот за 2026 година, на која пратениците од власта и од опозицијата ги изнесоа своите спротивставени ставови за растот на економијата и за тоа кој повеќе придонел за животниот стандард на граѓаните.
За опозицијата, предложениот буџет не се темели на реални проекции, туку на оптимистички и се користи за купување социјален мир, а Владата нема план за подобрување на животниот стандард на граѓаните. За владејачкото мнозинство, буџетот е реален и има вложување во неколку клучни области. Во изминативе седум години, оценија пратениците од владејачкото мнозинство, СДСМ трошел народен буџет, а БДП бил проектиран на 1,1 процент за разлика од сега, кога е проектиран на 3,2 проценти.
Според Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ, добро е што во буџетот се планирани средства за гасификација на делови од државата и што се зголемуваат средствата за дигитализација. Позитивно, смета Пренџов, е и тоа што има планирано средства во рамките на програмата на Министерството за економија и на Владата за привлекување странски инвестиции.
– Зборувате дека сме се задолжиле со шест-седум милијарди изминатата година, а вистината е дека Македонија е делумно раздолжена од времето кога бевте вие на власт – рече Пренџов.
Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, во контрареплика, посочи дека во предлог-буџетот не се планирани средства за студентски домови, спортски сали во средните училишта, за програмата за правична застапеност…
– Ако достигнете 19 проценти инфлација, а просекот во Европската Унија е 24, треба да се гордеете, затоа што тоа е за 40 проценти помалку од просекот во Европската Унија, но срамота е ако имате инфлација од 4,5 проценти, а просекот во Европската Унија е два проценти, затоа што тоа е за 120 повисока инфлација во твојата земја. Така се мери економија – рече Битиќи.
Битиќи се осврна и на стопирањето на средствата од ИПАРД- програмата и на брзата пруга од Коридорот 10.
– Случајно да не ја видовте сликата на трансевропската транспортна мрежа објавена од Европска Унија, која ќе се финансира со европски пари. Каде е брзата пруга за Коридорот 10 или воопшто ве избришаа? – праша Битиќи.
И Рина Ајдари од коалицијата Европски фронт оцени дека опаѓа довербата кај инвеститорите и дека државата троши повеќе отколку што произведува.
– Има недостиг на транспарентност за јавното трошење, буџетот е неразвоен, нереформски, дискриминирачки – рече Ајдари.












