Загрепската полиција заврши кривична истрага против 75-годишен маж осомничен за нелегално производство и трговија со наркотици. Тој е осомничен дека криел, мерел и препакувал кокаин за понатамошна продажба во стан во областа Трешњевка, соопшти Полициската управа во Загреб, а пренесоа хрватските медиуми.
Истрагата утврдила дека осомничениот, спротивно на одредбите од Законот за сузбивање на злоупотреба на дроги, набавил големи количини кокаин, кои потоа ги подготвил за нелегалниот пазар. Во петокот на 17 октомври, попладне, полицијата го претресе станот што го користел осомничениот.
При претресот пронајдени се девет пакети со вкупно 42,55 грама кокаин, две дигитални ваги за прецизно мерење и пари за кои се сомнева дека потекнуваат од трговија со дрога.
По завршувањето на кривичната истрага, полицијата поднесе кривична пријава против 75-годишникот до Општинскиот државен обвинител во Загреб, а на осомничениот му е одредена мерка притвор.