За Столе е онаа народната со свој камен по глава!

0

Со стиховите од добро познатиот македонски музички хит „Опинок“ на групата „Студени нозе“, кај ти беше паметот, не ти чини есапот, зошто не размислуваш, можеби најдобро може да се опише грешката што ја направи репрезентативниот голман на Македонија, Столе Димитриевски.

Пред да биде одигран последниот квалификациски натпревар за пласман на СП 2026, против селекцијата на Велс, на кој прими седум гола, Димитриевски гостуваше во поткастот на Стефан Лазаров и во текот на разговорот сакаше искрено да зборува за својата моментална ситуација во шпанскиот гигант Валенсија.

Не е тајна дека Столе нема статус на стандарден првотимец и ретко добива шанса да започне некој натпревар во Ла Лига, а во текот на гостувањето во поткастот, тој отворено кажа дека мора да брани неговиот конкурент поради тоа што е таков договорот меѓу Валенсија и Атлетик Билбао. Сосема очекувано, таквата негова изјава поттикна лавина реакции во Шпанија, а нашиот интернационалец како да заборави дека постои едно непишано фудбалско правило, дека никој не е поголем од клубот.

Репрезентативецот на Македонија мора да знае дека негово е да брани, да се бори за место во првиот тим, да се докажува кога е меѓу стативите, а не да зборува за клупските одлуки, за клупските договори, за тоа како работат челниците и што се договараат со другите клубови.

Веднаш откако слета во Валенсија, Димитриевски беше пречекан од неколкумина шпански новинари, кои побараа одговор од него за спорната изјава. По неколку часа, тој имаше состанок во клупските простории. Во текот на прес-конференцијата по повод првенствениот натпревар против Леванте, тренерот на Валенсија, Карлос Корберан, потврди дека македонскиот интернационалец ќе биде парично казнет.

– Разговаравме отворено и Димитриевски побара извинување, бидејќи неговите изјави не се точни и не го отсликуваат функционирањето на клубот. Во Валенија никој не игра поради неговиот договор или статус. Тој е свесен за направеното и се извини и во соблекувалната и пред целиот стручен штаб. Столе е свесен за грешката и им се извини. Јас ги почитувам дисциплинските правила и ќе добие соодветна финансиска казна. Со тоа, сметам дека е затворен случајот – изјави Корберан.

При првиот тренинг по враќањето, Димитриевски повторно јавно се извинил пред соиграчите, обидувајќи се да ја врати довербата и да ѝ стави крај на медиумската врева во последните денови. И покрај тоа што спортскиот дел на клубот смета дека е надминат инцидентот, раководството реши голманот да биде финансиски казнет. Износот на санкцијата не е објавен, но од клубот сигнализираат дека се работи за стандардна дисциплинска мерка предвидена за вакви ситуации.

Вината за ваквиот епилог Димитриевски мора да ја бара само во сопствените редови. Мораше убаво да размисли пред да гостува во поткастот, затоа што домаќинот на поткастот заработува од кликови и споделувања, не одговара пред клупските челници, нема тимски колеги, нема амбиција да биде прв голман и да брани за уште поголем клуб, а Валенсија шест пати ја има освоено Ла Лига и два пати играше во финалето од Лигата на шампионите.

Пред неколку дена, првиот човек на каталонскиот гигант Барселона, Жоан Лапорта, изјави дека му е жал што си заминал Лионел Меси од клубот во 2021 година. Потенцираше дека никој не е поголем од клубот, иако Аргентинецот е најтрофејниот фудбалер што играл некогаш за Барселона.

За крај, Столе мора да сфати дека се големи шансите да биде продаден во јануари, така тврдат шпанските медиуми и дека поради проблемот што си го направи самиот со Валенсија, секој клуб што ќе биде заинтересиран за неговите услуги, ќе дува и на ладно.

ИЗДВОЕНИ