Осумдесеттите и деведесеттите години на 20 век беа, во многу нешта, пресудни за развојот на севкупната македонска култура, вклучувајќи ги и музичката култура и музичката педагогија. Ова е време кога македонските културни и образовни институции ги воспоставија својата висока професионалност, рамноправноста и, во одредени случаи, предноста со многу слични институции во постарите и веќе сестрано изградени центри на поранешна Југославија. Во деведесеттите години, од своја страна, оној почеток на работење во самостојна Република Македонија претставуваше нов подем, нова можност за создавање бројни меѓусебни и меѓународни контакти за реализирање вистински, значајни професионални резултати.

Една од незаборавните личности што дејствуваа во овие две децении со голема енергија, ентузијазам, но воедно и со смиреност, сестраност и мудрост, е дводеценискиот директор на државниот Музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, Марија Писинова. Таа е и првиот избран директор, во 1980 година, при формирањето на МБУЦ со интеграцијата на средното музичко училиште, десетгодишното музичко училиште и средното балетско училиште. Претходно, Марија Писинова беше раководител на Одделот по пијано, како и еден од најистакнатите професори по пијано во оваа образовно-уметничка институција. Генерациите ученици и педагози со извонредно чувство на почит и благодарност ги паметат сите концерти, гостувања, натпревари, соработки со Музичката младина на Македонија, „Скопско лето“, Македонската филхармонија, бројни државни и регионални натпревари, фестивали во земјата и надвор од неа.

Марија (Жантева) Писинова е родена на 6 август 1946 година. Основното и средното музичко образование ги има завршено во десетгодишното музичко училиште во Скопје, каде што матурираше пијано во класата на проф. Нада Младенова. Паралелно со тоа, ја заврши матурата во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Високото образование го има стекнато на Музичката академија во Белград, со специјалност пијано, во класата на проф. Олга Попов. Мајка на тројца синови, почитувана колешка и пријател, човек подготвен да сослуша и да помогне, таа со огромна работоспособност и инстинкт за патиштата на творечките успеси му се предаваше на МБУЦ (ДМБУЦ).

Марија Писинова почина на 23 јуни 2025. За да се зборува за нејзиното севкупно дело, потребно е да се испишат бројни страници, да се наведат бројни податоци и затоа, можеби, е најдобро овој краток текст, исполнет со сета наша љубов, да го завршиме со дел од нејзиното писмо – обраќање кон иднината со кое таа ја завршува монографијата „Музичко- балетски училиштен центар ‘Илија Николовски-Луј’“, издадена во 1995 година, по повод 50-годишнината од постоењето на специјализираното музичко образование во нашата земја.

– Патот што го минувавме не беше лесен. Често бевме соочувани со тешкотии од најразличен карактер: реформи во образованието, промени во законската регулатива, недостиг на опрема, материјални средства, но горди сме на минатото и со гордост свртени кон иднината, која сигурно ќе носи и тешкотии и разочарувања, но и признанија што ги заслужуваме. Пред вас, најновите генерации, е можноста да одите понатаму, да се надградувате, да бидете креатори на својата иднина. Младоста е на ваша страна. Патот што ќе го изберете е само ваш затоа што е изграден со илјадници желби, посакувања, надежи и љубов. Пред вас е иднината. Чекорете храбро напред!

 

Снежана Анастасова-Чадиковска

ИЗДВОЕНИ