Посетата и движењето во националните паркови е според утврдени правила. За непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно со член 106 од Законот за шумите, се изрекува глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност
Од денеска започна целосната забрана за движење во шума и шумско земјиште на територијата со која стопанисува/управува ЈП „Национални шуми“ и ќе трае до 31 август. Поради тоа, посетата и движењето во националните паркови ќе биде според утврдени правила. За непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно со член 106 од Законот за шумите, се изрекува глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
Од НП „Шар Планина“ информираат дека посета на паркот е можна само со потврда која повратно ќе ја добијат посетителите при пополнување на електронската пријава. Единствен исклучок од оваа забрана се лицата кои живеат или имаат имоти на Шар Планина.
– Оние што сакаат да се пријават пополнуваат евидентен лист за посетители во електронска форма на веб-страницата на Националниот парк или на евидентен лист за посетители – соопштија од овој национален парк.
Оттаму потсетуваат и на обврската за наплата на влез на моторни возила.
– Тоа може да се направи на интернет-страницата или со СМС-порака со категорија на возилото и број на регистрација на 144 – 555. Сопствениците на приватни имоти и правните лица регистрирани на територијата на паркот се ослободени од надоместок за движење во своите зони – велат од НП „Шар Планина“.
Замолуваат на поголемо внимание за да се избегне предизвикување пожар. Доколку се забележи пожар или друг случај на загрозување на природата, да се пријави на бројот 112.
И за престој во националниот парк „Пелистер“– Битола е потребно посетителите претходно да поднесат барање за дозвола за влез. Со пополнување на формулар, автоматски се добива потврда на е-поштата на оној што ја побарал дозволата. Од НП „Пелистер“ велат дека за да се заштитат природата и безбедноста, задолжително е да се почитуваат правилата (напишани во одговорот) при престој во паркот.
Исто така не е возможно непријавено движење во шумите на територијата со која управува НП „Маврово“.
– Задолжително е пријавување на поединци или групи кои планираат да се движат на територија на паркот во периодот од 00:00 до 24:00 часот – децидни се од НП „Маврово“.
Оттаму додаваат дека задолжителното пријавување за движење на територија на НП „Маврово“ не важи за вработените на: министерствата за внатрешни работи и за одбрана, шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, за лица вработени во субјектите кои вршат шумскокултурни работи за активностите на сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти на површините со кои управува ЈУНП „Маврово”, како и за лица кои имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои управува НП „Маврово“ (кои поседуваат доказ за уплата на туристичка такса во хартиена или електронска форма или важечка риболовна дозвола).
Локалното население треба да го пријави движењето низ шумските предели на НП „Маврово“ со испраќање на е-пошта или кај ренџерската служба на паркот. Локалното население нема обврска да изврши уплата на туристичка такса за влез на НП „Маврово“.
Пријавувањето може да се изврши во просториите на туристичкиот инфо-центар во Маврови Анови или преку е-адреса: [email protected]. Пред да се достави електронската пријава треба да се изврши уплата на туристичка такса за влез на територија на НП „Маврово“.
Едно лице може да изврши уплата и за поголема група на посетители. За лицата кои своето движење во паркот ќе го пријават по електронски пат, како доказ дека поседуваат дозвола за движење и ги регистрирале своите активности ќе служи и потврдата за уплатена туристичка такса која системот ќе ви ја достави автоматски на вашата електронска адреса.
Иако, од НП „Галичица“ сè уште прецизно не го уредиле движењето низ нивната територијата, оттаму за весникот ВЕЧЕР информираа дека најверојатно тоа ќе биде со издадено одобрение за движење, а пријавувањето ќе биде онлајн или во нивната дирекција.
Многу граѓани се интересираат дали оваа забрана ќе важи и за парк-шумата „Водно“. Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ под чија надлежност е оваа парк-шума велат дека сè уште немаат насоки во врска со тоа, иако признаваат дека им пристигнуваат многу мејлови со истото прашање од скопјани.
– Штом има информации, веднаш ќе ѝ биде пренесено и на јавноста – беше првичниот одговор добиен од ЈП „Паркови и зеленило“
Забраната ја спроведуваат вработените од ЈП „Национални шуми” кои вршат дејност заштита, Шумска полиција, МВР и ДИШЛ.
Кривична заработи директорот на НП „Маврово“ за нелегална сеча на дрва
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Харис Ибраими (40) од Oпштина Маврово и Ростуше, директор на НП „Маврово“, Гоце Анастасоски (44) од село Никифорово, раководител на Одделение за одржливо користење во НП „Маврово“ и Антонио Божиновски (54) од Гостивар, вработен во Министерството за шумарство и земјоделство. Тие се товарат за сторени две кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“ на штета на ЈУ „Национален парк Маврово“.
– Во текот на март и април, директорот на НП „Маврово“ со третопријавениот усно договорил вршење нелегална сеча на ела во НП „Маврово“ на местото викано „Брана“. За вонреден инспекциски надзор за наведената сеча бил задолжен второпријавениот. Харис Ибраими најпрво испратил барање до Државен инспекторат за шумарство и ловство во кое побарал да биде извршена сеча на наведената локација за наводно оштетени стебла на ела од атмосферски влијанија. Првопријавениот со повреда на законските прописи и со пропуштање на должен надзор врз второпријавениот овозможил да се изврши пустошење на заштитена шума во Националниот парк Маврово, без претходно да се објави оглас за сечата за да истата биде јавна и транспарентна – појаснуваат од МВР и наведуваат дека третопријавениот дозволил да се изврши ознака и сеча, а според извршеното мерење вкупната дрвна маса од сите три оддели требало да изнесува 403 кубни метри дрво – ела и 55 кубни метри бука, што не соодветствува со реалната и фактичката состојба подоцна утврдена на самото место.
Второпријавениот со повреда на законските прописи овозможил да се врши пустошење на заштитена шума во НП „Маврово“ и согласно со спецификација од шумската полиција Гостивар, сечата е извршена само во одделот 67а, каде биле исечени вкупно 858,75 кубни метри, повеќе од предвиденото. Третопријавениот на 10 март годинава изготвил записник за извршен инспекциски надзор и решение во кои внел лажни и невистинити податоци. На овој начин, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од извршената нелегална сеча, сè до продажба на дрвната маса на претходно договорени купувачи.
(А. П.)