Швајцарската индустрија за злато би можела да изгради фабрика за рафинирање во Соединетите Американски Држави или да го прошири капацитетот за да ѝ помогне на владата во преговорите со Вашингтон, велат изворите, пренесе „Бета“.
На почетокот на август, американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 39 проценти на швајцарскиот увоз, велејќи дека САД имаат постојан трговски дефицит со Швајцарија.
Дефицитот главно ги одразува швајцарските испораки на хемикалии и фармацевтски производи, но и злато.
Швајцарија е водечки светски преработувач на злато и владата има намера да ја охрабри индустријата да го зголеми капацитетот во Соединетите Американски Држави за да помогне во ублажувањето на трговскиот дисбаланс, изјавија анонимни извори за „Ројтерс“.
Тоа би значело изградба на фабрика за рафинирање на злато или инвестирање во проширување на капацитетот во Соединетите Американски Држави, додадоа тие.
Швајцарското министерство за економија соопшти дека разговорите со Соединетите Американски Држави се водат на повеќе нивоа, додавајќи дека нема да коментира за преговорите.
Кристоф Вајлд, претседател на Швајцарската асоцијација на скапоцени метали (ASFCMP), одби да коментира за потенцијалната изградба на фабрика за рафинирање.
Сепак, тој додаде дека сè додека златото го зголемува трговскиот дефицит на САД со Швајцарија, индустријата мора да истражи начини да го спречи ова, можеби дури и со задоволување на побарувачката на САД со американско производство, додаде Вајлд.
Швајцарскиот министер за економија, Гај Пармелин, се сретна со највисоките економски претставници на американскиот претседател во петокот, опишувајќи ги разговорите како „конструктивни“.
Планот за злато веќе беше на сила до минатиот петок, велат изворите, а разговорите продолжуваат.
Швајцарија сака да му презентира на Трамп предлог што би вклучувал трошење за американски стоки и дополнителни инвестиции во САД, изјавија извори за Ројтерс.
За да се намали трговскиот дефицит на САД, кој има свои корени во фармацевтскиот сектор, целта е швајцарските компании целосно да ја задоволат американската побарувачка со производи од американски фабрики, додаваат изворите.