За помилувањата ќе решава претседателот на државата, Министерството за правда само ќе доставува извештај

Новина во овој предлог на закон е што во контекст на постапката за помилување, Министерството за правда само го доставува извештајот до претседателот, но без конкретен предлог за помилување, изјави министерот за правда, Игор Филков, весникот ВЕЧЕР. Законското решение се подготвуваше подолго време и наскоро ќе биде ставено на системот ЕНЕР, за да може секој да даде критички и други забелешки, како и конкретни предлози за подобрување на решението. Новиот закон се правеше откако постојниот Закон за помилување, стар веќе 33 години, е веќе речиси нефункционелен. Тоа неодамна го нагласи и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.

48

Министерството за правда да нема право да дава мислење дали одреден осуденик треба да се помилува или не, туку одлуката да ја носи претседателот на државата. Ова е една од важните новини кои се вградени во варијантата на предлогот на целосно новиот закон за помилување, кој наскоро ќе биде ставен на увид на јавноста. Законското решение се подготвуваше подолго време и наскоро ќе биде ставено на системот ЕНЕР, за да може секој да даде критички и други забелешки, како и конкретни предлози за подобрување на решението. Новиот закон се правеше откако постојниот Закон за помилување, стар веќе 33 години, е веќе речиси нефункционелен. Тоа неодамна го нагласи и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.

– Законот за помилување, како што изгледа сега, поради многу укинати одредби, веќе не личи на логичен законски текст. Секаде во светот постои можност за помилување. Треба да има можност за помилување кое ќе опфаќа подолг временски период, а Комисијата за помилување да има обврска да доаѓа во затворите и да разговара со луѓето кои поднеле барања. Исто така, да може да се посетуваат затворите за определени датуми – изјави Сиљановска-Давкова.

Министерот за правда, Игор Филков, за весникот ВЕЧЕР изјави дека предлогот на законот за помилување е подготвен и ќе се стави на увид на јавноста. Според него, главна цел на донесувањето на новиот закон е да се отстранат лоцираните слабости во текот на примената на актуелниот Закон за помилување. Со предлогот се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето.

– Едно од клучните прашања кое беше предмет на широка дискусија и во Работната група за изготвување на Законот за помилување, беше прашањето за правото на претседателот да помилува лица од казна и од кривично гонење (аболиција). Имајќи ја предвид практиката од досегашната примена на законот и особено случаите поврзани со помилувањето од кривично гонење, работната група застана зад решението согласно со кое претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица – објасни министерот Филков за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека една од позначајните новини во овој закон се и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување. Во таа насока, посебно се значајни одредбите со кои се предвидени кратки рокови за постапување за секоја од институциите кои се вклучени во постапката за помилување.

– Во контекст на постапката за помилување, особено се значајни одредбите согласно со кои Министерството за правда само го доставува извештајот до претседателот, но без конкретен предлог за помилување. Тоа е и новината во овој предлог на Закон – нагласи Филков.

Токму околу оваа одредба – дали Министерството за правда да дава своја препорака за нечие помилување или не – во текот на дискусиите на експертите имаше различни мислења. На една од експертските средби во јануари, еден од поранешните министри за правда, Михајло Маневски, застапуваше став дека претседателот на државата и до неговата Комисија за помилување треба да дојде предмет во кој ќе биде јасно назначено дали некој се предлага за помилување и во колкав временски период.

– Досега, сите министри за правда не доставуваа предмети со предлози за помилување со јасен став. Наместо тоа, некои доставуваат само целосна документација по која конечен став треба да даде Комисијата за помилување на претседателот. На таков начин ќе се олесни работата на Комисијата и на шефот на државата, кои ќе добијат готов предлог – наведе тогаш Маневски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

На ова имаше и предупредувања дека тоа може да значи давање преголеми ингеренции на министерот за правда да решава дали ќе предложи некого да биде помилуван од страна на шефот на државата, или не. Во досегашниот период, министрите за правда имале различен однос, при што некои најчесто давале пропораки „да се одбие барањето за помилување“, а некои давале предлози и за помилување на повеќе одредени осуденици. (Б. Ѓ.)

Нова група осудени за 27 април на слобода пред Нова година?

До Нова година, поголема група осудени за настаните од 27 април 2017 година би можеле да се најдат на слобода по основ на условен отпуст. Медиумите објавија дека до тоа ќе дојде откако издржале повеќе од две третини од затворските казни. Одлуките ги донел Кривичниот совет, кој оценил дека се исполнети законските услови за да се донесе ваква одлука.

На слобода, ден пред новата година, треба да излезат Мунир Пепиќ, Оливер Поповски, Влатко Трајковски, Душко Лазаров, Јане Ченто, Митко Пешов, Горан Ѓошевски и Никола Митревски. Досега отпуст добија Младен Додевски и Горан Ангелов-Ќосето, кои меѓу првите го напуштија затворот. ВЕЧЕР контактираше со дел од семејствата на овие осуденици, кои ни изјавија дека тие сѐ уште не се информирани околу тоа.

 

ИЗДВОЕНИ